Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, коментирајќи го барањето на Холандија доставено денеска до Брисел за укинување на безвизниот режим за албанските граѓани, директно за тоа го обвини премиерот Еди Рама, јави дописничката на МИА од Тирана.
Според него, по три позитивни препораки за почеток на преговорите, не само што на Албанија нема да и се даде зелено светло, туку напротив, „ќе се редат горчливи вести како оваа денешната“.
– Денес имаме горчлива вест. До Европската комисија официјално Кралството Холандија го достави барањето за враќање на визниот режим за албанските граѓани. Ова е срам, ова е криминал на Еди Рама и неговата банда. Денес сме тука, одлучни да ја однесеме нашата битка до крај. Ова е битка на надеж за секој Албанец, ова е битка за промени за сите луѓе, а не само за неколку луѓе, рече Баша на средба со членови и симпатизери на партијата во Тирана.
Баша порача дека акцијата на опозицијата има за цел да ги отвори преговорите со ЕУ и ги покани приврзаниците и сите граѓани да бидат дел од протестот што обединетата опозиција ќе го одржи во недела, пред Владата во Тирана.