Холандскиот државјанин кој денеска доживеа пад со параглајдер во меснста „Лако Сигној“ на планината Галичица, со хеликоптер на МВР е пренесен во болницата Систина во Скопје.
Според првичните информации од спасителите кои учествуваа во неговото извлекување, тој има сериозна повреда на р’бетот, поради што не ги чувствувал долните екстремитети. Бил контактибилен за цело време на спасувачката акција во која учествуваа екипи на Планинската спасителна служба, Полициски службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени, Алпинистичкиот тим и животоспасители од Одделот за специјални полициски операции – САЕ Тигар, заедно со граничната полиција од РЦ Запад, Националниот парк Галичица, ЦУК и други служби.
Поради комплексноста на повредата и опасноста од дополнителни компликации, несреќниот Холанѓанин во триесеттите години од животот, бил имобилизиран, по што со хеликоптер е пренесен во Скопје.
Алпинистичкиот тим на САЕ Тигар во 17.00 часот со хеликоптер пристигна на местото на несреќата, го фиксира и го презеде повредениот холандски државјанин Л.Г.Ј.(35), кој претходно беше имобилизиран од екипа на Планинарската спасувачка служба на Црвен крст Охрид и во 17.15 со хеликоптерот од Хеликоптерската единица за полициски намени, која е дел од Одделот за воздухопловни операции на МВР, стартуваше со транспорт кон Скопје. Во 17.50 часот тимот од МВР со повредениот слета на хелиодромот во Комплекс клиники и во координација со лекарите од клиниките, лицето во придружба на животоспасител од САЕ Тигар, на негово барање, во 18.10 часот е префрлено во приватна медицинска установа за укажување на лекарска помош, соопшти СВР Охрид.