На двајца раководители на хонгконгшкиот весник „Епл Дејли“, кои се товарат за кршење на законот за национална безбедност, денеска им е одбиена кауцијата и тие остануваат во притвор.
Главниот уредник на весникот Рајан Лоу (47) и извршниот директор Чеунг Ким-хунг (59) се обвинети за кршење на законот за национална безбедност, откако заедно со уште петмина раководители во „Епл Дејли“ беа уапсени во четвртокот, а денеска се појавија пред суд, кој одби да ги ослободи со кауција. Новото рочиште е закажано за 13 август.
Лоу и Чеунг се обвинети дека биле во заговор со сопственикот на „Епл Дејли“ и критичарот на Пекинг, Џими Лаи, а во периодот меѓу 1 јули 2020 и 3 април 2021 година барале од странска држава, лице или организација да наметне санкции или да блокира или учествува во други непријателски активности против Хонгконг, се наведува во обвинението.
Судот констатирал дека на двајцата раководители им се одбива кауцијата бидејќи нема доволно докази за да се верува дека нема да го повторат делото и да ја загрозат националната безбедност.
Три компании поврзани со „Епл Дејли“ и медиумскиот тајкун Џими Лаи, против кои, исто така, се води постапка поради договор со странска држава, на денешното рочиште назначија свои застапници, а властите замрзнаа 2,32 милиони долари од нивните средства.
Законот за безбедност, воведен во 2020 година, казнува и со доживотен затвор сè што Пекинг го смета за субверзија, сецесионизам, тероризам и договарање со странски сили, а полицијата соопши дека се сомнева оти десетици написи во „Епл Дејли“ се спротивставуваат на тоа.
Апсењата и обемот на полициската акција со 500 полицајци во редакцијата на весникот, беа критикувани од западните земји, меѓународни организации за заштита на правата и слободите, здруженија на новинари и Канцеларијата на ОН за човекови права.