Новоформираното Здружението на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работата на срцето „Храбро Срце” на денешната изборна седница го избра Даниел Тодоровски за нов претседател на Здружението.
Тодоровски информираше дека Здружението има за цел на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работата на срцето да си помагаат едни со други и преку усогласени ставови да ги претстават нивните барања пред државните структури.
– Пациентите кои се во терминален стадиум на срцева слабост до пред една година немаа никаква можност за преживување. Благодарение на одобрувањето од Министерството за здравство и Фондот за здравство се овозможи да се реализира програмата за механичка циркулаторна потпора за третман на пацинетите во терминален стадиум на срцева слабост. Досега на девет пациенти им е продолжен животот и засега сме успешни во тоа, нагласи др. Тања Анѓушева, кардиолог во Клиниката „Жан Митрев“.
Таа изрази надеж дека и во иднина докторите ќе бидат способни да им помагаат на уште многу други пациенти, кои, како што рече, за жал се млади.
Директорот на државната Кардиохирургија Сашко Јовев рече дека пациентите и докторите на некој начин треба да ја популаризираат програмата за механичка циркулаторна потпора за третман на пацинетите во терминален стадиум на срцева слабост, со цел да ја има за поголем број луѓе и да биде по усовршена.