Со посебна почит и молитва кон Мајката Божја, верниците од околината на Матка и Скопје, на 28 август се упатуваат кон манастирот Успение на Пресвета Богородица кој се наоѓа на височинка над влезот на ова познато туристичко место во главниот град.

Манастирот со недели претходно се подготвува за традиционалната манастирска слава за која женската монашка обител има помош од верниците кои редовно доаѓаат на литургиите во црквата, од локалните жители, но и од донации од други верници и граѓани.

Да се биде на Матка во предвечерието и на самиот празник особено за локалните жители и за ѓорчепетровци е традиција која се пренесува од генерација на генерација.

Годинава, како и минатите години, празнувањето започнува на 27 август со вечерната богослужба во 18:30 часот, а потоа на полноќ се одржува сеноќно бдеење. На самиот празник Успение на Пресвета Богородица поради големиот број верници во дворот на манастирот се одржува Света Божествена Литургија. Потоа традиционално започнува крводарителска акција, а се одржува и сенароден собир, на кој се дели празничен ручек.

Токму кога го посетивме манастирот се чистеше големата кујна каде се подготвува храната. Не пречекаа насмеаните лица на неколкуте вернички кои дошле да му помогнат на сестринството навреме да подготват се за празникот.

Паралелно со подготвките за празникот се одвиваат и работите во работилницата за изработка на свештенички одејанија кои се продаваат насекаде во светот. Тоа е еден од начините како сестринството обезбедува одржливост на овој манастир којшто во изминатите повеќе од дваесетина години со помош на игуманијата Перпетуа и монахињите Доротеја, Харитина и неколку други, а со благослов на Неговото Блаженство поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, е речиси комплетно обновен и осовремен.

Во манастирот секоја недела и секој празник се одржуваат литургии, а малата црква понекогаш е претесна да ги прими сите верници кои доаѓаат од различни страни на градот и околината. Затоа понекогаш, кога дозволуваат временските услови службите, крштевките и венчавките се одржуваат во дворот на манастирот, а за таа цел од пред неколку години е фрескоживописан мал параклис.

Понекогаш е доволно само да застанете во дворот на манастирот, да се помолите и притоа да го слушнете пеењето на птиците и жуборењето на реката Треска, која се наоѓа во близина, и да почувствувате мир и благодат што ќе ве следат со денови.

Во манастирот не доаѓаат само христијани, туку и муслимани кои живеат во околината и туристи од сите делови на светот. Од малата манастирска продавничка тие можат да купат и други производи што се изработуваат во манастирот, како лековити масла, креми, бројаници, кадилници, подароци за најмилите…

-Подготвките се исти како и другите години. Имаме доста помош од верниците што преку цела година доаѓаат на литургии во манастирот, и физички и со донации за храната… Им благодариме на сите, вели за МИА сестра Доротеја.

Покрај работилницата за изработка на свештенички одејанија, сестрите во манастирот имаат и неколку сандаци со пчели, но исто така тука се плетат бројаници, се цртаат шољи и кадилници, а се одржуваат и обуки.

Во изминатите две години се реализираа обуки за месење просфори, за плетење бројаници, за декупаж, за правење свеќи од пчелин восок и цртање шољи и кадилници, а се надеваме во иднина, како што најавува сестра Доротеја, и за правење глинени производи.

-Луѓето ќе не прашаа може ли да не научите да плетеме бројаници, може ли да покажете како се месат просфорите, лепчето за литургија, како се цртаат кадилници. Така дојдовме на идеја да направиме проект – обуки за сите што сакаат да научат. Има одѕив и кај возрасните, но и кај децата има голем интерес. Доста се вложуваат. На наша радост и децата се многу радосни и трудољубиви. На првиот проект имавме девојче на 4,5 години што седумдест отсто ја нацрта сама кадилницата и шољата. И помагавме малку, ја насочувавме како треба, но се направи сама, објаснува таа.

За одеждите, производите што се изработуваат во манастирот, како и информации за работилниците во манастирот можат да се најдат на веб страната на манастирот. Преку неа заинтересираните можат и онлајн да го нарачаат производот што им е потребен.

Ликот на Богородица е од неизмерно значење за целото човештво 

Манастирот Успение на Пресвета Богородица (познат и како Манастир Матка) се наоѓа веднаш на левиот брег на реката Треска, пред браната на езерото Матка, на околу 17 километри од центарот на градот Скопје. Тој е активен манастир во кој постои женско монашко сестринство.

Манастирот датира од 1337 година, а фреските се од 1497 година. Тука имало ранохристијански храм од четврти до шести век, заклучно со шести век.

-Ликот на Пресвета Богородица е од неизмерно значење за целото човештво не само за нашиот манастир. Како што се вели во Евангелието, Христос ги спасува (се распна за сите) сите од Адама па до последниот што се роди од жена, а Богородица ни го роди Христос кој е Спасител на светот. Значи сите кои ќе ја побараат Нејзината молитва не остануват без одговор. Таа не’ спасува со Нејзиното молитвено застапништво пред Христос, вели сестра Доротеја.

За Христос да дојде за Спасител на светот е најзаслужна Богородица. Спасението ни доаѓа преку неа.

– И кога велиме Пресвета Богородице спаси не’, тоа не значи дека таа директно не спасува како божица, тоа е многу погрешен термин да се употреби, но таа е Богородица, и со тоа што е Богородица, е причина и заслуга за нашето спасение, за спасение на целото човештво, реков од Адама до последниот што ќе се роди од жена, за сите што ќе побараат помош од неа и од Христос. Велиме Пресвета Богородице спаси не’, Таа не спасува со Нејзиното молитвено застапништво кај нејзиниот Син, Единороден, а тоа е секогаш услишено, објаснува сестра Доротеја.

Духовната посветеност во манастир е постојана, но исто така и борбата за негова одржливост и чување на традициите, православните црковни обичаи и македонскиот идентитет.

Во раните утрински часови сестрите се собираат на краток синаксис, читаат кратки поуки од свети отци, како подготовка за ќелијното молитвено правило. За време на дневните послушанија се изработуваат манастирските производи. Се негува молчанието и постојаното кажување на Исусовата молитва.

Новинар: Елизабета Вељановска Најдеска 

Фото: Архива