Како и минатата, така и оваа 2021 година ќе биде најмногу запаметена поради пандемијата на Ковид-19 и појавата на повеќе варијанти на коронавирусот. Глобалното ширење на вакцините против Ковид-19, кое започна кон крајот на 2020 година, продолжи и во 2021 година. Повеќето големи настани планирани за 2020 година, кои беа одложени поради пандемијата, се одржаа во 2021 година, како на пример Изборот за песна на Евровизија, 26-та конференција на Обединетите нации за климатски промени, Експо 2020 година, но и спортски настани како УЕФА Евро 2020, Летните олимписки игри 2020 и Параолимпијадата, и Копа Америка 2021 година.
Хронологија на поважни настани во светот во 2021 година:
Јануари
4 јануари – Британски суд ја блокира екстрадицијата на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во САД, додека Мексико му понуди политички азил.
6 јануари – Поддржувачите на тогашниот американски претседател Доналд Трамп го нападнаа Капитолот Хил, нарушувајќи го верификувањето на резултатите од претседателските избори во 2020 година, поради што Конгресот мораше да биде евакуиран. За време на немирите загинаа пет лица, меѓу кои еден полицаец и една жена која беше застрелана и убиена во зградата на Капитол Хил.
10 јануари – Ким Џонг-ун е избран за генерален секретар на владејачката Работничка партија на Северна Кореја, наследувајќи ја титулата од неговиот татко Ким Џонг-ил, кој почина во 2011 година.
20 јануари – Џо Бајден е инаугуриран како 46-ти претседател на САД.
20 јануари – Почина Мира Фурлан, хрватска актерка.
22 јануари – Стапи во сила Договорот за забрана на нуклеарно оружје, првиот правно обврзувачки меѓународен договор за сеопфатна забрана на нуклеарното оружје.
26 јануари – Бројот на потврдени случаи на Ковид-19 надминува 100 милиони луѓе во светот.
Февруари
1 февруари – Државниот удар во Мјанмар и соборување на Аунг Сан Су Чи од власт. Се враќа воената управа што доведува до масовни протести низ целата земја.
9 февруари – Заедничката истрага на СЗО и Кина покажа дека „хипотезата за истекување на коронавирусот од лабораторијата во Вухан е малку веројатна“, а тимот верува дека вирусот потекнува од животни, веројатно од лилјак или панголина.
19 февруари – САД официјално се приклучуваат на Парискиот договор, 107 дена по напуштањето.
19 февруари – Почина Ѓорѓе Балашевиќ, српски пејач и кантавтор.
22 февруари – САД стануваат првата земја која надмина 500.000 смртни случаи на коронавирусот.
24 февруари – Меѓународната иницијатива за снабдување со вакцини против коронавирусот – Ковакс ги испорача своите први вакцини, доставувајќи 600.000 дози за здравствените работници во Гана.
25 февруари – Бројот на смртни случаи од Ковид-19 во светот надмина 2,5 милиони лица.
Март
1 март – Почина Златко Крањчар, хрватски фудбалер и менаџер.
6 март – Папата Франциск се сретна со највисокиот шиитски духовен водач Али ал-Систини во Наџаф, Ирак. Тоа е прва средба меѓу папа и голем ајатолах.
20 март – Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го објави повлекувањето на неговата земја од Истанбулската конвенција, првата држава што го стори тоа.
23 март – Се одржуваат парламентарни избори во Израел, четврти избори за Кнесетот во последните две години.
23 март – „Евер Гивен“, еден од најголемите транспортни бродови во светот, се насука и го блокира Суецкиот Канал, нарушувајќи ја глобалната трговија. Бродот беше ослободен на 29 март.
Април
4 април – Парламентарни избори во Бугарија.
9 април – Роскосмос ја лансира мисијата Сојуз МС-18, носејќи тројца членови на екипажот на Експедицијата 65 до Меѓународната вселенска станица.
9 април – Почина принцот Филип, Војводата од Единбург.
11 април – Иран го обвини Израел за „нуклеарен тероризам“ и вети одмазда откако голема експлозија го уништи внатрешниот електроенергетски систем на централата за збогатување ураниум во Натанц.
13 април – Јапонската влада одобри исфрлање на радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во Тихиот Океан во текот на 30 години, со целосна поддршка на Меѓународната агенција за атомска енергија. На одлуката се спротивставија Кина, Јужна Кореја и Тајван.
13 април – Употребата на вакцината против Ковид-19 на белгиската компанија „Јансен“ е прекината поради предизвикување ретки згрутчувања на крвта.
15 април – Научниците објавија дека успешно инјектирале човечки матични клетки во ембриони на мајмуни, создавајќи химери-ембриони.
17 април – Глобалниот број на смртни случаи од Ковид-19 надминува три милиони луѓе.
18 април – Дванаесет фудбалски клубови, вклучувајќи три од Ла Лига и водечки клубови од Премиер лигата и Серија А, се согласија да се приклучат на нова отцепена Европска Супер лига, што предизвика меѓународна осуда. Два дена подоцна, по големите протести на навивачите, другите клубови и политичари, Манчестер Сити се повлече од лигата, што ги поттикна сите преостанати клубови од Премиер лигата и уште три други да го сторат истото.
19 април – Раул Кастро поднесе оставка како прв секретар на Кубанската Комунистичка партија, со што стави крај на повеќе од 62-годишното владеење на браќата Кастро на Куба.
20 април – Идрис Деби, претседател на Чад, е убиен во судири со бунтовничките сили по 30 години на функцијата. Уставот е суспендиран и се формира Преоден воен совет кој ќе управува 18 месеци со земјата.
22 април – Светските лидери го одбележуваат Денот на планетата Земја со организирање на виртуелен самит за климатските промени, за време на кој се предлагаат поамбициозни цели за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, вклучително и намалување од 40 проценти до 2030 година за САД.
25 април – Албанија одржува парламентарни избори.
28 април – Најмалку 55 луѓе се убиени, а речиси 50.000 се раселени во еден од најсериозните судири во Централна Азија по граничните спорови меѓу Киргистан и Таџикистан.
28 април – Европската унија го одобри Договорот за трговија и соработка меѓу ЕУ и Обединетото Кралство, кој го регулира односот меѓу ЕУ и Британија по Брегзит.
28 април – Протести во големите колумбиски градови против зголемените даноци и здравствените реформи предложени од претседателот Иван Дуке Маркез, што резултираше со полициско насилство и смрт на десетици демонстранти, осудено од Обединетите нации и Хјуман рајтс воч.
29 април – Бројот на потврдени случаи на Ковид-19 надминува 150 милиони луѓе во светот.
30 април – Во Израел, 45 луѓе загинаа, а 150 се повредени, во стампедо за време на верски фестивал во подножјето на планината Мерон.
Мај
5 мај – СпејсИкс успешно полета, слета и за првпат го врати прототипот на Starship, по четири неуспешни претходни обиди.
7 мај – Светската здравствена организација ја одобри вакцината на кинескиот производител „Синофарм“ за итна употреба. Тоа е првата незападна вакцина што е одобрена.
11 мај – Израел изврши воздушни напади врз Појасот Газа додека Хамас го зголемува ракетниот оган. Ова се случи откако Израел почна да ги раселува Палестинците во населбата Шеик Џара во Источен Ерусалим.
15 мај – Борбите меѓу израелските сили и палестинските милитанти продолжуваат да ескалираат, бидејќи бројот на загинати надминува 150. Во израелски воздушен напад е уништена висока канцелариска зграда во Газа каде се сместени Асошиејтед прес, Ал Џезира и други медиуми.
15 мај – Почина Ѓорѓе Марјановиќ, српски поп пејач.
17 мај – Discovery, Inc. се согласи да го купи медиумскиот конгломерат WarnerMedia и сите негови подружници, од AT&T за 43 милијарди американски долари. Спојувањето треба да заврши следната година.
18-22 мај – Изборот за Песна на Евровизија 2021 година се одржа во Ротердам, Холандија, по откажувањето на натпреварот во 2020 година поради пандемијата на Ковид-19. На натпреварот во 2021 година победија италијанските учесници Манескин со песната „Zitti e buoni“.
20 мај – По меѓународниот притисок и речиси 250 смртни случаи, Израел се согласи на договор за прекин на огнот со цел да се стави крај на конфликтот со бунтовниците во Газа, кој стапи во сила следниот ден во 2:00 часот по локално време.
23 мај – Авион на „Рајанер“ беше принуден да слета од страна на белоруските власти, при што е приведен дисидентскиот новинар Роман Проташевич.
24 мај – Државниот удар во Мали ги отстрани од власт времениот претседател Бах Ндав и вршителот на должноста премиер Моктар Оуан и го врати военото владеење што доведе до суспензија на земјата од Економската заедница на западноафриканските држави и Африканската унија.
26 мај – Шел станува првата компанија која има законски мандат да ги усогласи своите емисии на јаглерод со Парискиот климатски договор, по значајната судска одлука во Холандија.
26 мај – Претседателски избори во Сирија.
26 мај – Челзи го победи Манчестер Сити во финалето со 1–0 и по вторпат ја освои УЕФА Лигата на шампиони.
Јуни
1 јуни – Светската здравствена организација ја одобрува за употреба за итни случаи вакцината против Ковид-19 на Синовак, која е втората незападна вакцина што е одобрена.
2 јуни – Се одржаа израелските претседателски избори во 2021 година, на кои победи Исак Херцог. Со цел да го отстрани премиерот Бенјамин Нетанјаху од власт, Нафтали Бенет се согласува да формира коалиција со израелската опозиција како ротациона влада која ќе стапи во сила по единаесет дена.
10 јуни – Затемнувањето на Сонцето е видливо прстенесто од Канада, Гренланд, Северниот Пол и рускиот Далечен Исток.
11 јуни – 11 јули – Се одржа УЕФА Евро 2020, чии домаќини беа 11 различни земји. Европското првенство во фудбал го освои Италија откако ја победи Англија на пенали.
11 јуни – 13 јуни – Светските лидери се состанаа на 47-от самит на Г7, чиј домаќин е Велика Британија, на кој се разговараше за пандемијата на Ковид-19, климатските промени и корпоративното оданочување на мултинационалните компании.
13 јуни – 10 јули – Се одржа Копа Америка 2021 година и го освои Аргентина.
13 јуни – Бенјамин Нетанјаху, најдолгиот премиер на Израел, беше сменет од функцијата; Нафтали Бенет и Јаир Лапид положија заклетва како премиер и како алтернативен премиер на Израел, соодветно.
17 јуни – Почина Кенет Каунда, првиот претседател на Замбија.
28 јуни – Силите на Тигреј го зазедоа главниот град на Тиграј, Мекеле, набргу откако етиопската влада прогласи прекин на огнот.
29 јуни – Почина Доналд Рамсфелд, поранешен американски секретар за одбрана.
Јули
3 јули – Над 130 шумски пожари избувнаа низ Западна Канада по рекордниот топлотен бран во Северна Америка што резултира со над 600 смртни случаи.
5 јули – Почина Рафаела Кара, италијанска пејачка, ТВ водителка и актерка.
7 јули – Извршен атентат врз претседателот на Хаити, Жованел Моиз, кој е убиен во неговиот дом. Првата дама Мартина Моиз е повредена и хоспитализирана.
8 јули – Бројот на смртни случаи од Ковид-19 надминува четири милиони луѓе.
12 јули – Во Бугарија се одржуваат парламентарни избори, со победа на партијата Има таков народ.
12 јули – Поројни дождови предизвика поплави во пограничниот регион на Германија и Белгија, што резултираше со 229 смртни случаи, вклучително 184 во Германија, 42 во Белгија и едно лице сè уште се води како исчезнато, и две лица во Романија.
18 јули – Меѓународната истрага открива дека шпионскиот софтвер продаден од страна на израелската групација НСО на различни влади се користи за таргетирање на шефови на држави, заедно со илјадници активисти, новинари и дисиденти низ светот.
19 јули – „Блу Ориџин“ успешно го спроведе својот прв човечки пробен лет, со ракета Њу Шепард за повеќекратна употреба на која се наоѓаа четворица членови на екипажот во вселената: нејзиниот основач Џеф Безос, неговиот брат Марк, 18-годишниот Оливер Дејмен (кој станува најмладиот човек што заминал во вселената ), и 82-годишниот авијатичар и член на Меркјури 13, Воли Фанк (кој станува најстариот човек што отишол во вселената).
21 јули – Меѓународниот олимписки комитет му доделува на Бризбејн право да биде домаќин на Летните олимписки игри 2032 година.
23 јули – 8 август – Летните олимписки игри 2020 се одржаа во Токио, Јапонија. Тие првично беа закажани за 24 јули-9 август 2020 година, но беа одложени поради пандемијата на Ковид-19.
25 јули – Тунискиот претседател Каис Саид формално ја презема власта во земјата, суспендирајќи го парламентот и разрешувајќи го премиерот.
29 јули – Нафтаниот танкер „Мерсер Стрит“ е нападнат во близина на брегот на Оман.
Август
3 август – Нафтениот танкер „Асфалт Принцес“ е киднапиран во близина на брегот на Обединетите Арапски Емирати.
3 август – Шумски пожари во Грција.
4 август – Белоруската спринтерка Кристина Циманускаја доби политички азил во Полска преку хуманитарна виза по обидите на Олимпискиот комитет на Белорусија да ја врати во татковина против нејзина волја.
4 август – Бројот на потврдени случаи на Ковид-19 надминува 200 милиони заразени во светот.
5 август – Одбранбените сили на Тигреј го зазедоа светското наследство на УНЕСКО – Лалибела.
14 август – Земјотрес со интензитет од 7,2 степена го погоди Хаити, при што загинаа повеќе од 2.100 луѓе.
15 август – Талибанците го зазедоа Кабул; авганистанската влада им се предава на талибанците.
24 август – 5 септември – Летните параолимписки игри 2020 се одржаа во Токио, Јапонија. Тие првично беа закажани за 25 август-6 септември 2020 година, но беа одложени поради пандемијата на Ковид-19.
26 август – Најмалку 182 лица загинаа, вклучително и 13 американски војници, во самоубиствен бомбашки напад на аеродромот во Кабул.
27 август – САД започнаа воздушен напад при што беше убиен припадникот на Исламската држава за кој се верува дека ги планирал бомбардирањата на аеродромот во Кабул.
29 август – Ураганот Ајда го погоди Њу Орлеанс, Луизијана, САД.
30 август – САД ги повлекуваат своите последни преостанати војници од меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, ставајќи крај на 20-годишните операции во Авганистан.
Септември
2 септември – Почина Микис Теодоракис, грчки композитор и политичар.
5 септември – Претседателот на Гвинеја Алфа Конде е приведен од елитна воена единица предводена од поранешен француски легионер, потполковник Мамади Думбуја, тврдејќи дека ја презел власта.
6 септември – Почина Жан-Пол Белмондо, француски актер.
7 септември – Ел Салвадор станува првата земја во светот што го прифати биткоинот како официјална валута.
14 септември – Северна Кореја тестира две балистички ракети со краток дострел кои паднале веднаш надвор од територијалните води на Јапонија; а само неколку часа подоцна Јужна Кореја ја истрела својата прва балистичка ракета лансирана од подморница.
15 септември – Формиран е трилатерален безбедносен пакт меѓу Австралија, Велика Британија и САД, за да се спротивстави на влијанието на Кина. Ова вклучува овозможување на Австралија да ја изгради својата прва флота на подморници на нуклеарен погон.
17 септември – Почина Абделазиз Бутефлика, седмиот претседател на Алжир.
19 септември – Се одржаа руските парламентарни избори, при што партијата Единствена Русија освои речиси 50 отсто од гласовите.
26 септември – Се одржаа германските федерални избори во 2021 година, при што Социјалдемократската партија ја победи коалицијата ЦДУ/ЦСУ.
Октомври
1 октомври – Започна Светската изложба во Дубаи 2020 година. Нејзиното отворање првично беше закажано за 20 октомври 2020 година, но беше одложено поради пандемијата на Ковид-19.
3 октомври – Меѓународниот конзорциум на истражувачко новинарство (ICIJ) објави нова афера „Пандора документи“, збирка од околу 12 милиони документи, кои откриваат дека светски лидери, милијардери и јавни личности криеле милиони долари во офшор компании.
4 октомври – Фумио Кишида станува 100-ти премиер на Јапонија, наследувајќи го Јошихиде Суга.
6 октомври – Светската здравствена организација ја одобри првата вакцина против маларија.
9 октомври – Себастијан Курц ја објави својата оставка од функцијата канцелар на Австрија поради истрагата за корупција започната против него.
18 октомври – Почина Колин Пауел, американски политичар, дипломат и генерал.
23 октомври – Најбараниот колумбиски нарко бос Дарио Антонио Усуга, чиј Заливски клан контролира многу патишта за шверц во САД и други земји, е заробен од вооружените сили на Колумбија.
25 октомври – Суданската војска изврши државен удар против владата. Премиерот Абдала Хамдок е ставен во домашен притвор. Претседателот Абдел Фатах ал-Бурхан прогласи вонредна состојба и објави распуштање на владата.
31 октомври – 13 ноември – Се одржа конференција на Обединетите нации за климатски промени, откако беше одложена во 2020 година поради Ковид-19.
Ноември
1 ноември – Бројот на регистрирани смртни случаи од Ковид-19 надминува пет милиони.
3 ноември – Светската здравствена организација дава согласност за итна употреба на вакцината Коваксин против Ковид-19, третата незападна вакцина што е одобрена.
11 ноември – СпејсИкс ја лансира мисијата Crew-3, носејќи четворица членови на екипажот од Експедиција 66 до Меѓународната вселенска станица.
11 ноември – Ф. В. де Клерк, седми и последен државен претседател на Јужноафриканска Република и нобеловец
14 ноември – Се одржаа претседателски и парламентарни избори во Бугарија.
26 ноември – Светската здравствена организација свика итен состанок во Женева поради загриженоста од Омикрон, високо мутираната варијанта на Ковид-19, што е првпат идентификувана од научниците во Јужна Африка, која е позаразна од Делта сојот.
28 ноември – Почина Сер Френк Вилијамс, англиски бизнисмен, сопственик на Ф1 тим и механичар.
30 ноември – Барбадос станува република на нејзината 55-годишнина од независноста, додека останува членка на Комонвелтот на народите.
Декември
6 декември – САД најавуваат дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри 2022 година во Пекинг како одговор на кинескиот извештај за човекови права. Набргу потоа се приклучуваат и Канада, Велика Британија и Австралија.
6 декември – САД стануваат прва земја која надмина 50 милиони инфицирани случаи на Ковид-19.
9-10 декември – Одржан виртуелен Самит за демократија, чиј домаќин е САД, „за да се обнови демократијата дома и да се спротивстави на автократиите во светот“.
10 декември – Народното собрание на Република Српска ги усвои Заклучоците во врска со трансферот на надлежностите, со што законите и другите прописи со кои се пренесуваат надлежностите од РС на институциите на БиХ нема да се применуваат на територијата на ентитетот од денот на стапувањето во сила на законите и другите прописи од точка 2 од овие заклучоци.
11 декември – Почина Ен Рајс, американска писателка.
11 декември – Почина Мануел Сантана, шпански тенисер.
19 декември – Во Хонгконг се одржуваат првите парламентарни избори по задушувањето на продемократското движење, првично закажани за 6 септември 2020 година, но одложени поради пандемијата на Ковид-19.
20 декември – Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри вакцината против Ковид-19 од американската компанија Новавакс, која користи поконвенционална технологија.
21 декември – ЕК усвои регулатива за обврзувачка деветмесечна валидност на ковид сертификатите.
22 декември – Во Русија е регистриран МИР-19, нов лек против Ковид-19.
23 декември – Рускиот претседател Владимир Путин ја одржа традиционалната прес-конференција, која траеше три часа и 56 минути, одговарајќи на 55 прашања.