Тим експерти на ЕУ ќе ја разгледува работата на Судскиот совет, по бројните критики за неговото функционирање. Тимот го предводи поранешниот претседател на Уставниот суд на Хрватска, Бранко Хорватин

Хрватскиот правник Бранко Хорватин и експерти од земји на Европската Унија, во четврток и петок ќе ја анализира работтата на Судскиот совет во Македонија. Мисијата ја испраќа Европската комисија, а месецов ја најави амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир откако и ЕУ и САД јавно ја критикува состојбата во македонското судство.

„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“, изјави Гир за телевизија Телма на почетокот на месецов.

Тим експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испитува институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството, се наведува во соопштението од ЕУ.

Хорватин ќе ја скенира состојбата на 27 и 28 јули, а целиот процес ќе биде заокружен со посетата на експерти од ЕУ во септември годинава.

Во период кога земјата е под засилен мониторинг на патот кон ЕУ, особено во однос на реформите во правосудството, очекувањата на надлежните се дека на овој начин ќе се детектираат слабостите и ќе се подобри работата на независното судско тело, кое се најде под притисок на јавноста за оставки и одговорност поради начинот на неговата работа.