Хрватска ќе добие 22 милијарди евра од пакетот на Европската унија, објави утринава хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
– Во Хрватска носиме 22 милијарди евра, што е гаранција за брзо закрепнување на економијата и натамошен балансиран развој на земјата, напиша Пленковиќ на Твитер, откако лидерите на ЕУ 27 постигнаа договор за повеќегодишниот заеднички буџет и фондот за закрепнување.
Вкупниот износ на пакетот за закрепнување е 1.824 милијарди евра, од кои 1.074 милијарди се во рамките на заедничкиот буџет за периодот од 2021 до 2027 година.
Фондот за закрепнување на ЕУ изнесува 750 милијарди евра, а се состои од 390 милијарди неповратна помош и 360 милијарди заеми.
Овој фонд ќе биде финансиран со заедничко задолжување на ЕУ на светските пазари на капитал, а рокот за отплата на заемот е крајот на 2058 година.