Во Хрватска денеска се одржуваат локални избори во општините, градовите и жупаниите. Право на глас имаат 3,66 милиони гласачи, а исходот со посебно внимание се очекува во четири големи градови – Загреб, Сплит, Риека и Осиек.
Граѓаните ќе изберат 425 општински и 127 градски совети, 20 жупаниски собранија и Градското собрание на Загреб, општински началници, градоначалници и жупани и 70 нивни заменици од националните малцинства и десетина од хрватскиот народ во општините каде Хрватите се малцинство, јави Хина.
Челници на извршната власт се избираат со мнозинство гласови, а за да бидат избрани денеска, тие мора да добијат повеќе од 50 проценти од граѓаните кои го дале својот глас, а доколку освојат помалку од половина, ќе имаат нова шанса на 30 мај, кога во вториот круг се бира меѓу двајца кандидати со најголем број гласови.
Резултатите од изборите се очекуваат со посебно внимание во четири големи градови: Загреб, Сплит, Риека и Осиек и засега е сигурно дека сите четири града ќе добијат нови градоначалници, бидејќи неодамна почина долгогодишниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, аостанатите досегашни челници Андро Крстуловиќ Опара, Вељко Оберснел и Ивица Вркиќ повторно не се кандидираа.
Бидејќи локалните избори се одржуваат во услови на епидемија на коронавирус, маските ќе бидат задолжителни за сите на гласачките места, растојанието е зголемено на два метра, а ќе биде овозможено гласање и за оние кои се во изолација и имаат ковид или се во самоизолација.
Според Хина, изборите ќе ги следат над 10.500 набљудувачи.