Франција, според првиот нацрт договор за набавка на 12 борбени авиони „Рафале Ф3Р“, бара од Хрватска аванс од 150 милиони евра, пишува загрепски „Јутарњи лист“.
Повикувајќи се на своите извори, „Јутарњи“ пишува дека француската техничка делегација доаѓа во Загреб овој месец на состанок со членовите на хрватскиот тим, кога официјално ќе започнат преговорите меѓу Хрватска и Франција за договор за набавка на овие авиони.
На чело на хрватскиот преговарачки тим, во кој нема претставници на Генералштабот или на воздухопловните сили, е шефот на Кабинетот на премиерот – Звонимир Фрка-Петешиќ.
Во својата понуда на хрватскиот тендер, француската страна достави и нацрт договор што ќе биде основа за разговори. Ова се преговори меѓу двете земји, а договорот, убедени се и од двете страни, треба да биде потпишан најдоцна до крајот на годината, на почетокот на 2022 година.
Покрај договорот со француската држава, Хрватска ќе мора да потпише и придружни договори со производителите. Наведено е дека нема да има преговори за цената, имајќи предвид дека понудената цена на тендерот беше 999 милиони евра и таа не се менува, пишува „Јутарњи“.