Во изминатите седум дена, Хрватска беше прва по бројот на починати од коронавирус во Европската унија со 73 смртни случаи на милион жители, а на второ место е Бугарија со 68 смртни случаи на милион жители.
Загребачки Јутарњи лист пишува дека со ова се потврдува дека е заблуда дека има помалата опасност омикрон варијантата на коронавирус и дека минатонеделните податоци на Заводот за статистика дале реална слика за тоа што направил коронавирусот во Хрватска во изминатите две години, каде само во 2022 година починале 63.611 лица или 12.000 повеќе од во годината пред епидемијата.
Заводот наведува дека од март 2020 година, кога започна пандемијата, до декември 2021 година, бројот на умрени лица е зголемен за 16,9 отсто во однос на петгодишниот просек за тој период, односно починале 16.146 повеќе хрватски државјани. Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година во Хрватска починале 31.724 мажи и 31.887 жени.
„Ова значи дека, во споредба со годината пред епидемијата, починале 6.372 мажи и 5.445 жени повеќе, како резултат на пандемијата која траела повеќе од две години. Но, тие црни бројки сепак би можеле да бидат многу помалку фрустрирачки доколку граѓаните на Хрватска се вакцинираат како граѓаните на повеќето земји од ЕУ“, пишува весникот.
Во написот се посочува дека бројот на починати во последните седум дена го потврдува тоа, па така, на пример, Холандија и покрај големиот број заразени не забележала смртни случаи поради коронавирусот, Германија имала 10 починати, Австрија која воведе задолжителна вакцинација -11 смртни случаи, а Шведска, Шпанија, Португалија и Данска имаа околу дваесет смртни случаи на милион жители.
„Сите тоа се земји со висок процент на вакцинација, што очигледно дава резултати“, наведува Јутарњи лист.