Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ почина ненадејно рано утрово на 66-годишна возраст како последица на срцев удар, објави Информативната служба на Градот Загреб.

Хрватските медиуми пренесуваат дека на Бандиќ му се слошило доцна синоќа, брзата помош го однела во болницата „Свети Дух“, каде починал и покрај напорите на лекарите да го реанимираат.

Бандиќ подолг период имал здравствени проблеми, а во 2003 година доживеа тежок мозочен удар. Пред три години му беше вграден стент, а во јуни минатата година беше хоспитализиран откако му се слоши. Тој исто така имал белодробна емболија и неколку операции, вклучително и операција на гласните жици.

Бандиќ е роден на 22 ноември 1955 година во Груде, Босна и Херцеговина, каде што завршил основно и средно училиште. Завршил Факултет за политички науки на Универзитетот во Загреб.