Членките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ја одложија одлуката за проширување со нови земји-кандидатки од Европа и Латинска Америка, но генералниот секретар Ангел Гуриа негира дека тој процес е блокиран.

-Не, процесот не е блокиран, изјави Гуриа на прес-конференција по повод годишниот состанок на ОЕЦД, кој не ги одобри кандидатурите на Бразил, Аргентина, Перу, Хрватска, Романија и Бугарија.

-Понекогаш напредувате одејќи, друг пат со потешкотии, а понекогаш во трк, рече шефот на ОЕЦД.

Бразил не беше примен во оваа организација, иако претседателот Жаир Болсонаро доби поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп.

Гуриа објасни дека ОЕЦД има 36 земји и оти сите мора да се согласат за прием на нови членки. Минатата година влегоа две земји, Колумбија и Литванија.

-Членките, пред да примат нови земји, сакаат да знаат во која насока сака да се прошири ОЕЦД, изјави неименуван дипломатски извор за медиуми.

ОЕЦД ги собира најразвиените и најбогатите земји во светот, кои се залагаат за демократија и пазарна економија.