Македонија е гастрономски рај. Од сите влијанија го земала најдоброто, па во комбинација со овошјето и зеленчукот од плодните полиња на Пелагонија, Полог, Овче Поле, Скопската котлина, Преспа и Тиквеш, со месото од животните одгледувани во услови на слободна паша, со зачините и кулинарски вештини, добила исклучително вкусни, автохтони јадења: буреци и пити, сарма со лозов лист, мусака, таратур, тавче-гравче, трулитава, шкембе чорба, пастрмајлија, попара, овчи и кравји сирења, кашкавали,…
Ова е само дел од написот „Македонска пивска авантура“ на хрватскиот новинар Горан Газдек, објавен деновиве на порталот pivnica.net.
Газдек се задржува на пивото, што е и негова преокупација, почнувајќи со доживувањето во „Пивница Стар Град“ во Старата скопска чаршија, каде првпат, како што вели, бил во 2016 година и овојпат сакал да го повтори.
Потоа продолжува со приказната за „Скопско“.
– Секогаш на патувањата бирам локално. Во старт ги прецртувам увозните пива и оние што се прават по лиценца. Тоа значи дека тука ни остануваат главно Скопско (светло, темно, смут, горско и младо) од Скопска пивара, како и „Златен даб лагер“, „Крали Марко“ и „Златен даб дарк“ на Прилепска пиварница. Тие доминираат на пазарот. Поретко има и Битолско, Кенбах и Кенбах премиум пилснер од Битолска пивара и многу ретко, само понекаде, „Македонско пиво“ на Пивара Кожувчанка од Кавадарци и „Староградско“ на Пивовара Кодинг Горска од селото Конопиште, пишува Газдек.
Тој беше дел од тимот новинари од регионот кои минатата недела беа на туристичко патување низ Македонија, тура што ја организираше и овозможи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).
Целата статија може да се прочита на https://pivnica.net/