Џемови, торти, салати, сокови, подготвени со праски, се само дел од производите кои успешно беа продадени на првата хуманитарна „Праскијада“, а со тоа се обезбедија 20.000 оброци за социјално загрозени лица.
Организаторите на првата „Праскијада“, што се одржа денеска во Градски парк, истакнаа дека настанот го посетиле околу 1.000 лица, нагласувајќе дека се многу задоволни од посетеноста, како и од собраните средства.
Посочија дека понудувачите успеале да продадат над 90 проценти од подготвените производи.
Изразија надеж, дека хуманитарниот настан „Праскијада“, што беше организиран со поддршка на проектот на УСАИД за граѓанско учество, ќе прерасне во убава традиција.
Сите хумани лица, кои придонесоа да се соберат средства за оброци, наменети за социјално загрозени граѓани, добија картички за благодарност за направеното хумано дело.
– Во 2018 година започнавме да го развиваме системот кој ја спасува добрата храна, па наместо да се фрла, ја пренасочуваме кон оние на кои им е најпотребна. Големи количини на квалитетна храна со возило се превземаат од различни бизниси и се носат во центри за бездомници, народни кујни, и слично. Ова го правиме во соработка со повеќе од 20 големи компании од индустријата за храна и над 30 партнерски граѓански организации, наведоа организаторите на „Праскијада“.
Истакнаа дека, целта на нивната Организација „Сите сити“ е значително да се намали бројот на гладни граѓани, околу 460.000 во земјата, кои не може да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, како и да станеме земја во која добрата храна не се фрла.