Со армиски хеликоптер кој тргна кон беровскиот регион ќе им се помага на пожарникарите и месното население во гасење на пожарот меѓу селата Митрашинци и Будинарци кој е надвор од контрола.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека доколку има услови хеликоптерот ќе интервенира и ќе исфрли вода над опожарените површини. Веќе за утре најавено е дека доколку има потреба од воздух ќе се вклучат еден полициски, еден армиски хеликоптер, но и авион ЕР-трактор.
Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пеќевски вели дека сите институции се ангажирани во гаснењето на големиот пожар. Тој претходно го повика локалното население да е вклучи во гасењето на пожарот, а упати и барање до Центар за управување со кризи за гаснење на пожарот од воздух.
„Поради големиот настанат пожар на месноста меѓу селата Митрашинци и Будинарци, во која е зафатена голема површина од дабова и нискостеблеста шума бараме од Вас да ни излезте во пресрет на гаснењето на пожарот со воздушна поддршка-хеликоптери“, е наведено во барањето.
Пожарот излезе од контрола доцна попладнево поради ветерот, а зафатени се над 50 хектари шума. Бил регистриран синоќа на сува трева од страна на вработените на ЈП „Македонски шуми“.
Пеќески посочи дека веќе имаат индиции дека пожарот е подметнат, а на терен веќе е инспектор за пожари и се прават разговори со месното население.