Бугарите во Уставот не се единствена пречка на патот кон ЕУ како што уверува Владата, холандскиот амбасадор го потврди тоа, се вели во прилогот на ТВ АЛФА.
Холандскиот амбасадор ги извади дипломатските ракавици, неговата изјава каде посочува дека Македонија тоне во корупција не е изненадување, велат дел од познавачите. Ова не е прв пат дипломатски претставници да упатат силни критики кон Македонија и состојбите во правосудството. Она што е невообичаено е што за прв пат со остар тон и без дипломатскиот стил на соопштување, Дирк Јан Коп кажа што мисли за Македонија и патот на државата кон Унијата.
Поранешниот амбасадор во Лондон, Јован Донев, коментирајќи за АЛФА вели дека ова треба да ја замисли македонската Влада, бидејќи Коп е гласноговорник на холандската држава и го кажува она што Холандија го мисли, а Холандија е една од државите во ЕУ кои имаат строги критериуми за владеење на правото.
Владеењето на правото е една од основите на ЕУ, ако немате владеење на правото значи немате демократија, тоа е основно правило. Ние не можеме да зборуваме за европски вредности, ако имаме невладеење на правото. Немаме ние што да бараме во ЕУ. Компромиси ЕУ не може да прави со ниедна држава каде што постои систем на невладеење на правото, вели Јован Донев.
Според Донев, Македонија не може да очекува компромиси додека не си го реши проблемот со корупцијата која последниве години се чини како да е распространета од најнизок до највисок ешалон. Тоа Македонија ќе ја чини многу.
Ако сите јадеме со нож и виљушка и дојде некој да јаде со раце на истата маса, нема да ве примат да седнете на истата маса со тие луѓе. Тоа е истата ситуација со владеење на правото, вели Донев.
Според Донев, најголемата причина за тоа што Македонија се уште е во чекалницата на Унијата, не е тоа што не се внесени Бугарите во Уставот. И да ги внесеме, вели Донев, корупцијата ќе биде главната причина зошто повторно ќе се соочиме со нова кочница. Слична изјава имаше и универзитетскиот професор Јанкуловски кој за АЛФА рече дека ветото на Бугарија кон Македонија, се чини дека им е како кец на десетка на некои држави од ЕУ, оти државава тоне во корупција.
Пред само еден месец Холаднија реагираше и на измените на Кривичниот законик, тоа го призна и вицепремиерот Маричиќ. Иако многиу европски земји реагираа преку ЕК, Холаднија беше држава која и билатерално изрази загриженост со измените со кои се дава можност за поголема неказнивост.
Пролетта, холандскиот амбасадор Коп повлече проект во вредност од милион евра за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.
Ова се само дел од критиките од Холандија кон Македонија, особено за делот на корупција и владеење на правото во државата. Пред само 5 месеци холандскиот амбасадор во земјава потсети дека единствената причина поради која Холандија се согласила со одлуката за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ, било токму гарантирањето дека ќе се процесуираат предметите на поранешното СЈО.
„Она што ние напротив го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој“, рече Коп во мај.
Инаку Холадија е земја членка која нема проблем со тоа да стави вето на државите кои не ги исполнуваат стандардите на европското семејство. Токму Холандија стави вето за влез на Бугарија и Романија во шенген-зоната баш заради корупција и криминал, а од истите причини претходно стави и вето на Албанија за кандидатски статус.