И Франција и Италија ја запираат употребата на вакцината против коронавирусот на компанијата „АстраЗенека, приклучувајќи им се на листата европски држави кои тоа го сторија претходно – Германија, Холандија, Ирска и Данска, јави ДПА.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека вакцинацијата ќе престане се додека Европската агенција за лекови (ЕМА) не спроведе нова проценка за тоа дали постои некаква врска меѓу вакцината и пријавените инциденти на згрутчување на крвта.
Макрон постапката ја нарече „мерка на претпазливост“ и додаде дека постои можност вакцинациите набрзо да продолжат.
Италијанскиот регулатор на лекови „Аифа“, исто така, прекинот на вакцинацијата со оваа вакцина низ целата земја го нарече „потег на претпазливост“.
„АстраЗенека“ вчера соопшти дека нема докази дека нивната вакцина против Ковид-19 го зголемува ризикот од згрутчување на крвта, пренесе ДПА.
Пред неколку дена и Бугарија запре со вакцинирањето од АстроЗенека откако почина една жена, а три медицински лица се најдоа во тешка состојба по вакцинирањето.