Поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан денеска во Архиепископската резиденција ја прими новата американска амбасадорка во земјава Анџела Агелер, придружувана од претставници од Одделот за политички прашања во Амбасадата на САД во Скопје.
-Неговото Блаженство ја запозна амбасадорката Агелер, со духовниот живот и актуелностите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во татковината и меѓу иселените Македонци по светот и посакувајќи ѝ успешна дипломатска мисија, изрази надеж дека за време на нејзиниот мандат дополнително ќе се продлабочат пријателските и културните врски помеѓу нашите народи и земји, соопштија од МПЦ-ОА.
На средбата, којашто, како што се наведува во соопштението, поминала во срдечна атмосфера, присуствуваа и епископот хераклејски г. Климент и деканот на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски”, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски. (МИА)