Шведската активистка против климатските промени, Грета Тунберг објави фотографија на која седи на подот во преполн воз со кој си оди дома, а набргу потоа се огласија од германските железници соопштувајќи дека таа имала седиште во првата класа.
По повеќемечното патување низ светот и борбата против климатските промени, Тунберг си замина дома со воз бидејќи не патува со авиони поради загадувањето што го предизвикуваат.
Тунберг на Твитер напиша дека возот бил преполн, но среќна е што патува дома. Набрзо по фотографијата, следеше одговор од германските железници кои тврдат дека таа не седела на подот, туку патувала во првата класа.
Најпрво во еден твит и заблагодарија бидејќи ја поддржува работата на железниците во борбата против климатските промени: „Драго ни е што беше со нас во возот ICE 74 оваа сабота. И тоа со 100 процентно еколошка електрична енергија“.
Но потоа додадоа: „Ќе беше уште поубаво ако известеше колку е способен и љубезен нашиот тим кој се грижеше за тебе и твоето седиште во првата класа“.
Грета на ова врати дека патувала со два воза и додаде дека преполните возови се добар знак дека желбата да се патува со воз е голема.