Германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот им честиташе на новоизбраните американски претседател и потпретседателка за нивната проектирана изборна победа и рече дека Соединетите Држави и европските партнери мора да застанат заедно за да се справат со предизвиците на нашето време.
На прес конференција во Берлин Меркел рече дека Бајден има децении искуство во домашната и меѓународната политика и дека добро ги знае Германија и Европа. Таа рече дека има убави сеќавање од средбите и дискусиите што ги имала со поранешниот потпретседател.
Германската канцеларка исто така упати топли честитки и за идната потпретседателка Камала Харис додавајќи дека таа ќе биде првата жена на оваа позиција. Меркел рече дека Харис, дете на двајца имигранти, е инспирација за многумина и пример за она што е возможно во Америка додавајќи „со нетрпение очекувам да ја запознаам.“
Меркел рече дека САД, Германија и остатокот од Европската Унија мора да застанат „рамо до рамо“ за да се соочат со големите предизвици на нашето време вклучувајќи ја пандемијата со Ковид-19, глобалното затоплување и тероризмот. Таа рече дека мора да работат „На отворање на светската економија и слободната трговија зашто тие се основа за просперитет на двете страни на Атлантикот.“
Меркел исто така рече дека признава оти Германците и Европејците ќе мора да преземат поголема одговорност во нивното партнерство со Соединетите Држави. „Америка е и останува нашиот најважен сојузник. Тие со право очекуваат да направиме посилни напори за нашата безбедност и да се залагаме за нашите убедувања низ светот“ рече Меркел.
Германија во моментов претседава со ротирачкото претседателство на Европската Унија.
Односите меѓу Ангела Меркел и претседателот Доналд Трамп беа затегнати поради прашања како финансирањето на НАТО и односите со Русија.