Партијата Шас, која ги претставува интересите на православните Евреи, одлучи да ја напушти владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, објави денеска „Тајмс оф Израел“.
Се очекува министрите на партијата да поднесат оставка од своите функции утре наутро.
Шас објави дека се повлекува од коалицијата во знак на протест поради неуспехот на пратениците да гарантираат идни ослободувања од воена служба за учениците во верските училишта.
-Претставниците на Шас со тешко срце открија дека не можат да останат во владата и да бидат дел од неа, се вели во соопштението на партијата.
Ултраортодоксната партија Обединетиот јудаизам на Тората (УТЈ), вчера соопшти дека ја напушта владејачката коалиција на Нетанјаху поради долготрајниот спор и неуспехот да се изготви закон со кој учениците од верските училишта (јешива) би се изземале од задолжителна воена служба.
Повлекувањето на двете партии го остава Нетанјаху со малцинска влада, но не се очекува да предизвика предвремени избори или да ги попречи напорите за постигнување прекин на огнот во Газа.