Пишува: Архимандрит Тихон

(извадок од неговата книга „Несвети, а свети“, која пред неколку години беше промовирана и кај нас, во која, меѓудругото зборува и за неверојатната случка на проникливиот старец, отец Јован Крестјанкин, со неговото духовно чедо Валентина Павловна)

Во тие години, Валентина Павловна Канавалова живееше во Москва, многу интересна и навистина посебна жена. Изгледаше како да е слезена од платно на Кустодиев – вистински московски трговец.

Беше вдовица на шеесетина години, инаку директорка на претпријатие за трговија на големо со прехранбени производи, на Булеварот на мирот. Полничка на изглед и мошне силна – Валентина Павловна обично седеше достоинствено на големото биро во нејзината канцеларија каде што се насекаде по ѕидовите, па дури и во најтешките советски времиња, имаше огромни врамени репродукции на икони.

На подот под бирото обично имаше голема торба полна со пари со кои Валентина Павловна распологаше така како што таа сметаше дека е потребно. Час ги праќаше работниците да купат нови количини свеж зеленчук, час од тие пари ќе им делеше на питачите и случајните минувачи кои се собираа во голема толпа околу нејзиниот магацин.

Подредените се плашеа од Валентина Павловна, но и ја сакаа. За Великиот пост, таа организираше осветување на елејот во нејзината канцеларија, на која со почит присуствуваа Татарите кои работеа таму. Тие години, кога имаше страшен недостаток на намирници, често ја посетуваа и игумени на московските цркви, а честопати и архиереи.

Со некои од нив таа беше љубезна, но и многу воздржана, а остра со другите, дури и непристојна поради нивниот екуменизам, кој таа не го одобруваше.

Бев испратен во Москва од Псков-Печерскиот манастирот неколку пати со голем камион да донесам намирници за Велигден и Божиќ во манастирот. Валентина Павловна секогаш со посебна топлина и мајчинска љубов не примаше нас младите искушеници. Патем, таа одамна го имаше погребано нејзиниот единствен син. Навистина станавме пријатели, посебно што секогаш имавме тема за разговор, а тоа беше нашиот духовен отец, отец Јован.

Баќушка веројатно беше единствениот човек на светот пред кого Валентина Павловна се стеснувала, но кого бескрајно го сакаше и почитуваше. Двапати годишно со своите најблиски соработници доаѓаше во манастирот, постеше и се исповедаше. Таа беше тивка во тие денови, кротка, плашлива, воопшто не потсетуваше на московската господарка, така што навистина беше непрепознатлива.

Во есента 1993 година, бев назначен за управител на подворјето на Псков-Печерскиот манастир во Москва, што беше голема промена во мојот живот. Подворјето требаше да се наоѓа во стариот Сретенски манастир. За да се добијат бројните документи, често морав да одам во Псков.

Валентина Павловна имаше проблеми со очите. Имаше катаракта. Во една прилика ме замоли да го прашам отец Јован да ја благослови за лесна операција во познатиот Институтот Фјодоров. Морам да признаам дека одговорот на отец Јован навистина ме изненади.

Ми рече решително: „Не, воопшто! Само не сега! Нека помине некое време!“

По враќањето во Москва, го пренесов тоа на Валентина Павловна. Беше многу збунета, особено затоа што со Институтот Фјодоров се беше веќе договорено. Валентина Павловна му напиша на отец Јован обемно писмо во кое таа повторно побара благослов за операцијата и објасни дека тоа е нешто безопасно и дека едноставно не заслужува внимание.

Се разбира, отец Јован, исто како и таа, знаеше колку е безопасна операција на катаракта на очите, но сепак, многу се вознемири кога го прочита писмото што му го донесов. Седевме долго време и тој со голема загриженост ме убедуваше дека треба како што знам и умеам да ја убедам Валентина Павловна да се откаже од операцијата. Потоа повторно и напиша опширно писмо во кое со авторитетот на духовник ја молеше за некое време да ја одложи операцијата.

Во тоа време добив два седмици одмор. Бидејќи повеќе од десет години немав одмор, отец Јован ме благослови да поминам две недели во санаториум на Крим и нужно да ја земам Валентина Павловна со мене.

Истото и го напиша и на неа и додаде во писмото дека на операција треба оди еден месец откако ќе се врати од одмор.

– Ако сега оди на операција, ќе умре – со тага ми рече отец Јован додека се збогувавме.

Меѓутоа, во Москва сфатив дека се се случува поинаку. Имено, Валентина Павловна, веројатно за прв пат во својот живот, не го послуша и застана против волјата на својот духовен отец. Таа била на одмор за последен пат уште додека била млада, па луто одговори:

– Види, те молам, што мислел отец! Да се одморам! А на кого да го оставам магацинот?

Таа беше навистина лута бидејќи отец Јован придаде толку многу значење на некоја тривијална операција на очите. Но, бев решен и не сакав да слушнам ништо повеќе. И реков дека ќе се вратам веднаш за да се подготвиме за нашето неопходно патување на Крим што е можно поскоро. На крајот, Валентина Павловна навидум се помири со тоа.

По неколку дена добив благослов од Неговата Светост за одмор, обезбедив две места во санаториумот, што, кон крајот на есента и не беше толку тешко, и ја повикав Валентина Павловна на телефон за да и го кажам датумот на нашето заминување. Ми се јави нејзиниот помошник и ми кажа:

– Валентина Павловна е во болница. Денес ја оперираат.

-Молам? – викнав. – Но, отец Јован и го забрани тоа!

Се покаже дека пред неколку денови во магацинот дошла некоја монахиња. Пред да стане монахиња, работела како лекар. Кога дознала за приказната за катаракта, таа целосно се согласила со Валентина Павловна, па дури и и средила да добие благослов од еден духовник од Сергиевата лавра, наспроти забраната од отец Јован.

Среќна поради тоа, Валентина Павловна веднаш отишла во Институтот Фјодоров, сметајќи дека по брзо и едноставно изведената операција, за два-три денови ќе дојде со мене на Крим.

Сепак, за време на операцијата добила мозочен удар, по што остана целосно парализирана. Штом дознав, веднаш му се јавив на отец Филарет, затоа што отец Јован го користеше својот телефон во исклучителни ситуации.

– Како можеш да се однесуваш така? Зошто не ме слушаш? – речиси плачејќи ми рече отец Јован кога ја слушна мојата неповрзана и со тага обвиена приказна.

– Ако веќе инсистирам на нешто, тогаш значи знам што правам! – ми рече отец Јован.

Што можев да му одговорам? Јас само го прашав што сега можеме да направиме бидејќи Валентина Павловна се уште беше без свест. Отец Јован ми заповеда да ги земам Светите Дарови од црквата за причест и да ги чувам во келијата за, штом Валентина Павловна дојде на себе, без одложување да ја исповедам и да ја причестам, било да е ден или ноќ.

Валентина Павловна

Со молитвите на отец Јован, следниот ден Валентина Павловна дојде при свест. Роднините веднаш ме известија за тоа, па јас бев во болницата веќе по половина час. Во фоајето на одделот за интензивна нега, Валентина Павловна ја доведоа на огромен метален кревет на тркала.

Беше така малечка и беспомошна додека лежеше под белото ќебе. Кога ме виде, ги затвори очите и заплака. Таа не можеше да зборува, но нејзината исповед беше јасна и без збор. И ја прочитав нејзината молитва и ја причестив. Се збогувавме.

Следниот ден, отец Владимир Чувикин уште еднаш ја причести. Таа почина истата вечер. Валентина Павловна ја погребавмке со смирени и спокојни чувства, бидејќи, според древната црковна традиција, душата на човекот кој бил почестен да се причести на денот на неговата смрт, веднаш се возвишува кон Престолот Господов.