Организацијата Студентски отпор ќе се приклучи на протестот кој за утре го најави универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ пред Министерството за образование и наука.
Тие се револтирани поради како што велат неефикасното работење на МОН и доцнењето на стипендиите за постојните и за новите корисници.
„И покрај најавите на МОН дека стипендиите за месец октомври и останатите ќе бидат исплатени на 1 февруари како краен рок, сепак нашите трансакциски сметки останаа празни. Средства кои денес ги немаме, а сме приморани да ги користиме за покривање на трошоците за запишување на семестар и останати тековни трошоци за студирање. Исто така веќе две години го пробиваат сите рокови за започнување на реконструкцијата на студентските домови кои се со субстандардни услови, а многу пати досега беше ветено дека ќе се започне реконструкцијата во најбрз можен рок“, велат од Студентски отпор.
УСС УКИМ претходно го најавија протестот од 14 часот под мотото „Студентите обединети“. Ги повикаа студентите, останатите универзитетски собранија како и сите останати студентски организации да им се придружат на протестот.