Автопатот Миладиновци – Штип ќе биде пуштен до крајот на месецов. Во меѓувреме, се реконструираат над 30 патишта и 40 водоводи и канализации, а јавното претпријатие за државни патишта реализира 90 проекти, соопшти министерот за траспорт и врски Горан Сугарески во вечерашното гостување на „Вин- Вин“ на телевизија Телма.
Како што рече Сугарески, за само четири месеци годинава реализацијата на капиталните инвестиции во гасоводната мрежа е 27,6 отсто од предвидените 1,5 милијарди денари, а лани вкупно биле реализирани 400 милиони денари.
-Мајската ситуација ќе биде сериозно добра за гасфикацијата зашто таа влегува во вториот квартал, нагласи Сугарески, потсетувајќи дека на денот кога станал министер, лотот од Неготино до Битола 98 проценти не бил експроприран.
Според него, оваа Влада во целост стои зад двата експресни патишта: Ранковце – Крива Паланка и Штип – Радовиш, во должина од по нешто над 40 километри. Три милијарди денари е реализацијата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во првиот квартал годинава, а лани била 987 милиони.
Во врска со пролонгирањето на автопатот Миладиновци – Штип објасни дека два дена пред пуштање, Министерството за транспорт добило известување од фирмата изведувач дека не е безбеден.
-На 19 декември „Сино хидро“ не извести дека може да се пушти автопатот, но два дена пред да го пуштиме, на 9 март, дојде писмо во кое стоеше дека автопатот не е безбеден. Затоа овие два месеца во делот на оградата и надвозникот на Свети Николе интензивно се работи. Автопатот ќе биде пуштен до крајот на месецот, а за неполни четири години беше направен 50 проценти, истакна министерот.
Прашан за изградбата на станови, информира и дека ПУИГ до Министерството за финансии денеска испратило писмо за повлекување пет милиони евра, средства кои рече, ќе бидат повлечени во најбрз можен рок.
Сугарески забележа дека кога во медиумите се зборува за капиталните инвестиции, најчесто не се земаат предвид средствата реализрани во инфраструктурните проекти преку ЈПДП. Укажа и дека ваква јавна дебата немало во изминатите осум години бидејќи тогаш, посочи, градежништвото базираше на згради и споменици.