Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ ги сподели своите впечатоци од неговото враќање во репрезентацијата на Шведска.
Во квалификацискиот натпревар за СП 2022 со Грузија (1:0) одигран синоќа во Солна, 39-годишниот Швеѓанец му асистираше на Виктор Класон во 35. минута при постигнување на единствениот гол.
– Се чувствувам добро. Ми се чинеше дека ова е мојот прв меѓународен натпревар. Многу адреналин. Мислам дека можев да направам многу повеќе, но победивме, и ова е најважната работа, изјави Ибрахимовиќ за „Радио Шведска“.
Следниот натпревар на Швеѓаните е на 28 март на гостински терен со Косово.