ИДФ: Заврши широкиот бран напади врз штабовите на Хезболах низ Либан

/ 29.09.2024

Израелската армија (ИДФ) денеска соопшти дека заврши широкиот бран напади врз командните простории на Хезболах низ Либан.

Десетици воени авиони учествуваа во нападите, погодувајќи околу 120 локации на Хезболах во јужен Либан и длабоко во земјата, соопшти ИДФ.

„Целите вклучуваа командни простории на различни единици на Хезболах и други објекти каде оперативците планираа да извршат напади“, соопшти војската.

Најмалку 45 лица загинаа, а 76 се повредени во денешните  израелски воздушни напади врз две различни области во Либан, соопшти либанското Министерство за здравство.

Во јужното либанско село Аин ал-Делб, Министерството извести дека најмалку 24 лица загинале, а 29 други се повредени.

Најмалку 21 лице загинале, а 47 други се повредени во регионот Баалбек-Хермел во долината Бекаа во источниот дел на Либан, соопшти Министерството.

Десетици илјади либански цивили биле принудени да излезат на улиците поради засиленото бомбардирање на Израел во последните денови. Станбените згради се срамнети со земја, а клучната инфраструктура е уништена додека Израел напаѓа, како што вели, цели на Хезболах, вградени во цивилни области, објави Си-Ен-Ен.


Од истата категорија