Иџе СТЕФАНОВСКИ
Јас сум спортист и секогаш сакам фер игра. Би сакал да нагласам дека неточен е податокот дека во 2018 година од буџетот на АМС ми биле доделени 8,5 милиони денари, исто како што е целосна невистина тврдењето дека во 2019 година ми бил доделен ваучер во износ од 500.000 денари.

Уште поразочарувачки и тенденциозно делува напишаниот факт дека од 2018 година ми се исплаќал паричен надоместок за стекната категорија – стипендија од Светска категорија во висина од 2 просечни плати, небаре станува збор за награда која АМС ми ја доделува тукутака, а не е тоа легално стекната стипендија врз основа на постигнати резултати на меѓународен спортски план.

Како и да е, деновиве ќе имам прес-конференција на која ќе ги обелоденам сите информации за оваа натпреварувачка сезона и за односот на АМС кон мене и мојот тим во изминатава година, а за да нема никакви заблуди и ширење на ноторни невистини јавно ги поканувам челниците и одговорните во АМС да присуствуваат на овој прес и лично да ги соочиме аргументите.

Ова е известувањето на АМС на Каевски на што реагираше Иџе Стефановски:

ИЗВЕСТУВАЊЕ

Агенцијата за млади и спорт во врска со обраќањата на нашиот спортист Igor Idze Stefanovski, информира дека:

На Агенцијата за млади и спорт во изминатиот период приоритет и се младите врвни спортисти и тоа го искажува во сите пригоди и можности, давајќи средствата од Буџетот на Република Северна Македонија да се користат за остварување на јавниот интерес во спортот.

По јавниот настап на Игор Стефановски – Иџе, во кој негативно ја оценува работата на Агенцијата за млади и спорт, притоа, неосновано се обвинува и се изнесуваат невистини во однос на работењето на Агенцијата, информираме дека:

Игор Стефановски- Иџе континуирано бил поддржуван спортист, за што говори и фактот дека, од Буџетот на Република Македонија во 2018 година, на овој спортист доделна му е сума од 8,5 милиони денари, од вкупната сума од 20 милиони денари, наменети за Автомобилистичка федерација.

Сакаме да ја споредиме оваа сума од 8.5 милиони денари, која е вкупен буџет на неколку спортски федерации кои со успех се натпреваруваат на регионални, европски и светски првенства и притоа остваруваат врвни спортски резултати со кои ја афирмираат нашата земја.

На спортистот Игор Стефановски-Иџе од 2018 година Стефановски му се исплаќа паричен надоместок за стекнатата категорија Спортист од Светска категорија, во висина од 49 илјади денари месечно, или две просечни плати, и ова право ќе го остварува во период од 4 години, се разбира доколку се натпреварува во наредниот период до 2022 година.

Во 2019 година на Игор Стефановски – Иџе, доделен му е ваучер во износ од 500.000, денари, како и на неколку европски шампиони во одредени спортови.

Во 2018 година Игор Стефановски -Иџе настапуваше во Шампионатот на ТЦЦР и оствари пласман согласно неговите можности, а во 2019 година не настапувал во овој систем на натпревари.

Ја информираме спортската и пошироката јавност дека Агенција за млади и спорт со посебно внимание ги следи и поддржува активностите во автомобилистичкиот спорт кои поради низа причини 9 години немаше реализирано активности и благодарение на активностите на Агенција за млади и спорт, во последните две години повторно се организирани национални натпревари во автомобилизам.

Ваквите настапи и неосновани изјави му штетат на спортот и на оние кои вистински се залагаат за негов развој во нашата држава.

Потсетуваме дека благодарение на aктивностите на Агенцијата за млади и спорт, средствата за поддршка на спортот и спортистите во нашата држава се зголемени за 10 пати годинава, во споредба со средствата одвоени во 2016 година.

Поддршката од Агенција за млади и спорт продолжува и понатаму, му посакуваме успех во неговите спортски резултати.