– Во пресрет на Олимписките игри, без разлика дали се зимски или летни, олимпискиот оган, кон градот домаќин тргнува од античка Олимпија, малиот град на грчкиот полуостров Пелопонез, онаму каде што пред 2.800 години биле одржани првите антички Олимписки игри, а палењето на пламенот, што традиционално е од зраците на Сонцето во храмот на божицата Хера, е проследено со едноставен, автентичен, но и импресивен ритуал.
Во церемонијата учествуваат професионални танчари и актери, облечени во традиционална античка облека, а секое нивно движење со синхронизирани чекори, е внимателно одредено, бавно, прецизно, елегантно, создавајќи чувство на хармонија и поврзаност со природата, но и мост меѓу антиката и денешнината.
Двете церемонии во Грција, како за палењето на огнот во античка Олимпија, така и во Атина за предавањето на домаќините на Олимписките игри, ги следат милиони гледачи низ целот свет, a фотографиите ги исполнуваат медиумите и социјалните мрежи.
Импресивниот и специфичен ритуал, од 2008 година е дело на кореографката и уметничка директорка Артемис Игнатиу, која со години се поврзува со Олимпискиот оган и Олимпиското движење.

На само пет дена пред почетокот на Зимските Олимписки игри „Милано Кортина 2026“ и во моменти кога олимпискиот оган запален на 26 ноември во античка Олимпија се приближува кон градот домаќин преку штафетното патување, Игнатиу во ексклузивно интервју за МИА, открива детали за церемониите во Грција, нè пренесува зад сцената, говори за (оправданите) ограничувања и предизвиците, за подготовките што траат со месеци, за важноста, значењето и симболиката, како на самите церемонии, така и на Олимпискиот оган и вели дека се чувствува дека ја пренесува „штафетата на вредности кои потекнуваат од античкото време и се наменети за целото човештво“.
– Церемонијата на палење на Олимпискиот оган се темели на односот меѓу човекот и природата. Светлината на Сонцето го раѓа пламенот, кој го симболизира животот, знаењето и континуитетот. Тоа е ритуал на тишина и духовна длабочина, за кој не се потребни зборови за да биде разбран. Допира нешто длабоко човечко и универзално и нè поврзува со античка Грција, истакнува Игнатиу во разговор со дописничката на МИА од Атина.

За претстојните Зимски олимписки игри што започнуваат на 6 февруари, вели дека она што верува дека најмногу ќе ги одбележи е поврзаноста на човекот со природата и колективната емоција.
– Ако Игрите успеат да го раскажат ова со вистина и чувствителност, а спортистите се натпреваруваат не само за победа, туку и за човечкото достоинство, тогаш огнот нема да ги осветли само стадионите, туку и срцата на луѓето ширум светот, вели уметничката директорка и кореографка на церемониите во Грција.
На крајот на ноември минатата година за време на палењето на Олимпискиот оган времето не беше сојузник на манифестацијата и пламенот во античка Олимпија беше запален два дена порано, а Игнатиу открива дека секогаш постои алтернативен план и подготовката на тимот ги вклучува сите можни сценарија за да се обезбеди непречено и достоинствено одржување на Церемонијата, за која вели дека не е само уметничко творештво, туку зачувување на еден светски симбол.

Секоја од девојките, танчарки или актерки, кои учествуваат во кореографијата и во церемониите се нарекува Иереја, што во превод значи Свештеничка, име што доаѓа од античка Грција и е задржано до денес, а учеството е волонтерско, но со големо значење и чест.
Игнатиу, како Свештеничка првпат била вклучена во 1998 година, а 10 години подоцна ја презема палката на кореографка и уметничка директорка на церемониите во Грција за Олимписките игри Пекинг 2008, Ванкувер 2010, Лондон 2012, Сочи 2014, Рио 2016, Пјонгјанг 2018, Токио 2020, Пекинг 2022, Париз 2024, Милано Кортина 2026, како и за Младинските олимписки игри од 2010 година до денес.
Паралелно продолжува да учествува во самите церемонии и е носач на штафетното предавање на Олимпискиот факел од 2006 година.
Студирала танц, театар, музика и историја на уметност во Грција и САД, основач е на Танцовиот театар АРТ, со низа настапи дома и во странство, предава на Вишата школа за танц при Националната опера, Државното училиште за танцова уметност, Школата за драмска уметност при Националниот театар и Школата за драмска уметност при Атинскиот конзерваториум, а добитник е и на награди и државни признанија.
Во интервјуто за МИА говори и за уметничките проекти неповрзани со Олимпиското движење и нагласува дека за неа „суштината останува иста: уметноста да функционира како светлина и како мост на комуникација“.

Да започнеме со претстојните Зимски олимписки игри, Олимпискиот оган веќе е во Италија, а за неколку дена ќе пристигне во Милано, каде што в петок ќе се одржи церемонијата на отворањето на ЗИО „Милано Кортина 2026“. Што е она што, според Вас, најмногу ќе го дефинира идентитетот на овие игри?
– За мене, идентитетот на ЗОИ „Милано Кортина 2026“ ќе се роди од самото патување на Олимпискиот оган.
На 26 ноември го запаливме огнот во античка Олимпија, испраќајќи ги сите пораки што ги претставува олимпискиот идеал: ферплеј, еднаквост, фер натпреварување, колегијалност и мир.
Преку прекрасното штафетно патување на факелот, прво низ Грција, а потоа низ цела Италија сè до неговото пристигнување во Милано, Олимпискиот оган ја носи светлината на душата на сите оние што го пренесоа – спомени и човечки приказни.
Она што верувам дека најмногу ќе ги одбележи Олимписките игри е поврзаноста на човекот со природата и колективната емоција. Ако Игрите успеат да го раскажат ова со вистина и чувствителност, а спортистите се натпреваруваат не само за победа туку и за човечкото достоинство, тогаш огнот нема да ги осветли само стадионите, туку и срцата на луѓето ширум светот.

Од 2008 година сте кореографка и уметничка директорка на церемониите на палење и предавање на Олимпискиот оган што се одржуваат во античка Олимпија и Атина. Што значи за Вас ова континуирано присуство и колку е важна уметничката одговорност на еден толку значаен светски настан?
– Моето континуирано присуство на овие церемонии претставува длабока чест, но и постојана одговорност. Моето присуство започнува во 1988 година, кога учествував како Свештеничка на церемонијата на палење на Олимпискиот оган за Олимписките игри Сеул 1988. Кореографката Мариа Хорс, која ме избра, ми укажа чест назначувајќи ме веднаш за нејзина помошничка.
Од 2008 година, за Олимписките игри Пекинг 2008, ја презедов одговорноста за церемониите како кореографка и уметничка директорка.
Не станува збор само за уметничко творештво, туку за зачувување на еден светски симбол.
Секој пат се чувствувам дека ја пренесувам штафетата на вредностите кои потекнуваат од античкото време и се наменети за целото човештво.

Церемонијата на палење на Олимпискиот оган во античка Олимпија претставува еден од најпрепознатливите моменти на Олимпиското движење. Која е Вашата одговорност во осмислувањето на оваа церемонија?
– Мојата основна одговорност е да го заштитам светиот и ритуален карактер на Церемонијата. Да остане едноставна, автентична и ослободена од непотребни интервенции, за да може пораката на мирот, хармонијата и светлината да стигне недопрена до секој агол на светот.
Така, церемонијата што се одржува во античка Олимпија се состои од два дела.
Во првиот дел, што се одржува во Храмот на Хера и се однесува на палењето на Олимпискиот оган од Сонцето, ритуалот се задржува на традиционалниот ритуал, со мали промени во движењата.
Вториот дел ја опфаќа кореографијата на ридот кај Античкиот стадион, каде што секојпат создавам нова кореографија што е инспирирана од теми од грчката митологија, од скулптури или слики од античкиот период и секогаш е со оригинална музичка композиција.

Церемонијата ја следат милиони гледачи низ целиот свет. Како би го опишале ритуалот и неговото духовно значење?
– Церемонијата на палење на Олимпискиот оган се темели на односот меѓу човекот и природата. Светлината на Сонцето го раѓа пламенот, кој го симболизира животот, знаењето и континуитетот. Тоа е ритуал на тишина и духовна длабочина, за кој не се потребни зборови за да биде разбран. Допира нешто длабоко човечко и универзално и нè поврзува со античка Грција. Секојпат бележи рекорди на гледаност и се натпреварува со настани од светско значење.
Колку е тешко да се поврзат 2.500 години историја со современото уметничко изразување?
– Можеби тоа е најголемиот предизвик. Потребна е почит, проучување и внатрешна дисциплина. Не се обидувам да импресионирам, туку да ја постигнам суштината. Современото изразување се наоѓа во начинот на кој телото, ритамот и движењето комуницираат со сегашноста, без да ја нарушат вечната смисла. Но, оваа тешкотија е интересна и ја одржува креативноста жива. И кога ќе ја постигнеш оваа поврзаност, тогаш се чувствуваш како да чекориш малку повисоко од површината.

Кои елементи треба да останат непроменети во Церемонијата на палењето на Олимпискиот оган?
– Едноставноста, поврзаноста со природата, чистотата на движењето и светата улога на Свештеничките. За овие работи не се преговара. Церемонијата не треба никогаш да го изгуби својот ритуален карактер.
Друг важен елемент е тоа што и јас и целиот мој тим, учествуваме волонтерски, за што сме длабоко горди. Тоа е нешто што заслужува да се реализира на овој начин и не треба да се промени.

Постојат конкретни креативни или ритуални ограничувања?
– Да, и се апсолутно легитимни. Церемониите се водат според конкретен протокол и вредносна рамка. Овие ограничувања не функционираат како пречка, туку како водилка. Во рамките на овие граници се раѓа креативноста. Но, вториот дел од церемонијата секојпат се базира на сосема нова идеја, нова кореографија и нова оригинална музичка композиција.
Кога започнува подготовката за церемониите?
– Подготовките започнуваат месеци однапред. Вклучуваат истражување, уметничко планирање, проби и координација со многу институции. Тоа е долг и напорен процес што кулминира во последните седмици. Пробите се одржуваат за време на викендите во Атина и траат повеќе месеци. Целиот тим одиме во античка Олимпија десет дена пред церемонијата, со цел да се прилагоди кореографијата на конкретниот археолошки локалитет. Кореографијата се изведува на ридот што се наоѓа на падината на археолошкиот простор каде што теренот е наклонет. Друга тешкотија е што танцуваме на трева со сандали и постои ризик од лизгање.

На последната церемонија за палење на Олимпискиот оган за ЗОИ „Милано Кортина 2026“, времето не беше сојузник и палењето на оганот се реализираше два дена порано. Постои секогаш еден „План Б“?
-Секако, секогаш постои алтернативен план. Природата е основен елемент на церемонијата и мораме да ја почитуваме. Подготовката ги вклучува сите можни сценарија за да се обезбеди непречено и достоинствено одржување на церемонијата. Со мојот тим, секогаш сме подготвени за секоја можност. Обединет и силен тим, подготвен да поддржи секаква промена. Затоа изборот на уметници во овој тим е многу важен.

На кој начин се врши изборот и обука на Свештеничките?
-Селекцијата се врши според строги уметнички и физички критериуми. Следува долга обука, не само физичка, туку и духовна. Свештеничките се повикани да отелотворат улога со висока симболика, нешто за што е потребна внатрешна дисциплина и посветеност. Сите се професионални танчари или актери, но пред сè веруваат во олимписката идеја и она што ја претставува. Аудицијата за да го составам мојот тим секогаш повеќе се фокусира на моралот и вредностите што ги претставува уметникот, како и кон хемијата меѓу членовите на тимот.

Колку членови има вашиот тим?
– Тимот се состои од 120 луѓе. Во зависност од тоа колку луѓе ми се потребни секој пат, користам некои на церемонијата на палење на Олимпискиот оган во Античка Олимпија, а некои на церемонијата на предавање на олимпискиот оган на земјата организатор, која секогаш е на стадионот Калимармаро во Атина.

Како, според Вас, ќе се развиваат церемониите во иднина?
-Верувам дека ќе продолжат да се развиваат на дискретен и суштински начин, останувајќи верни на своето јадро. Развојот не значи изобличување, туку подлабоко разбирање на значењето. Но, секојпат ќе се раѓа нова идеја за самата церемонија. Секоја церемонија е уникатна.

Вашето име директно се поврзува со Олимпискиот оган. Но, кои се другите ваши уметнички проекти, што би сакале да ги истакнете?
– Паралелно со церемониите, го продолжувам мојот креативен пат во театарот, операта и режијата на големи продукции. Секогаш ме интересира поврзувањето на движењето со говорот и музиката. Преземам големи продукции со историски карактер, но и продукции на современ танц.
Веќе подготвувам пет различни проекти, два ќе бидат презентирани летово, еден наесен и два следната година, а главно ќе патуваат во странство, претставувајќи ја Грција.

Постои некој уметнички проект за кој сонувате да го реализирате во иднина?
-Сонувам за проекти што поврзуваат култури и епохи, проекти со силен хуманистички и духовен карактер. Се чувствувам многу креативно кога треба да управувам со бројни групи и мојот сон е да кореографирам танчари, кои работат во големи групи во странство. Без разлика дали сум во Грција или во странство, суштината за мене секогаш останува иста: уметноста да функционира како светлина и како мост на комуникација.
текст МИА
Фото: Приватна архива/ Елена Бонели/ Јанис Спирунис/ Василис Кутруманос/ Мариос Лолос/ Петрос Јанакурис/ Јанис Хрисантис




