Игор Џамбазов наскоро ќе ја промовира својата нова песна ,,Шал” која што е посветена на Тања Кочишки, жената која била неговата најголема љубов и која што починала пред три години. Шоуменот кој ретко зборува за приватниот живот пред камери, ја раскажа својата приказна за скопјанката која била негова голема љубов во емисијата ,,Еден на еден”. Со Тања бил во врска пред околу триесет години, а песната е создадена во времето кога ја започнале врската.
-Има една песна, се вика ,,Шал”. Тоа е песна за една од најголемите љубови во мојот живот, која пред три години го напушти овој свет. Никогаш не сум кажал, се викаше Тања Кочишка, една од најубавите жени што Скопје воопшто ги имало. Таа живееше во зграда на 200 метри од Драмски Театар, а песната се случи во една студена зимска ноќ кога се испраќавме. Во знак на наша иднина си ги разменивме шаловите, јас и дадов жолто шалче што го носев околу вратот, а таа ми даде еден шарен шал, женски. Иако беше женски, јас го носев најмашки на свет! На таа наша прва средба, стиснати на влезот, настана таа песна. Песната има четири строфи кои се повторуваат и нема рефрен, сега ќе биде издадена – раскажа Џамбазов.
Аранжманот за ,,Шал” го направил Никола Перевски – Пере, според музиката и стиховите на Игор.