Ако деца, на возраст од една до 14 години, консумираат пола литро дневно од пијалокот „Прајм хидра“ кој стана многу актуелен меѓу учениците ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, само со овој пијалок, објави Институтот за јавно здравје (ИЗЈ).
Како што се вели во извештајот на ИЈЗ „PRIME HYDRATION DRINK“ е безалкохолен пијалок со додадени витамини, минерали и аминокиселини, кој може да се најде на пазарот во Македонија.
Во декларацијата на производот е наведено да се консумира 500ml дневно. Содржината на витамините и минералите одговара на препорачаниот дневен внес на витамини и минерали за возрасен човек. Но, овој производ е многу популарен и широко употребуван од страна на децата, велат од ИЈЗ.
За децата на возраст од 7 до 14 години дневниот внес на витамини и минерали е два пати повисок преку овој пијалок, а ова особено се однесува на липосолубилнните витамини, како што се витамин А и витамин Е.
Овој производ не содржи кофеин, не содржи шеќери, значи не е енергетски пијалок, но затоа содржи засладувачи. Тоа значи дека децата ќе се соочат и со зголемен внес на вештачки засладувачи. Секако дека во текот на денот ќе ги внесуваат истите витамини и преку други прехранбени продукти, велат од ИЈЗ.
Од ИЈЗ додаваат дека консумацијата на PRIME HYDRATION DRINK кај децата треба да биде ограничена и контролирана од страна на родителите, да не се дозволи консумација 500 мл дневно.
Како и секогаш нашата препорака е децата да консумираат вода и природни сокови, велат од ИЈЗ, кој додаваат дека возрасните лица дека не треба да консумираат повеќе од 500мл дневно.
Постојат два вида од пијалокот „прајм“ – енергетска, односно кофеинска верзија, која содржи Л-теанин, кој не е дозволен во безалкохолните пијалоци во Европската унија и „прајм хидра“, која се продава кај нас.
Во Словенија и во Хрватска е забранета енергетската верзија на „прајм“.
Хрватскиот министер за здравство Вили Барош најави итна акција со цел да се ограничи конзумирање на овие пијалоци меѓу младата популација. Барош сака посебно да се огранчи консумацијата на овие производи околу училиштата, но свесен е дека забранетите пијалоци се продаваат онлајн.
„Прајм хидра“ нема никаква врска со „Прајм енергетскиот пијалок“ и тој не е забранет во Хрватска. Се поставува прашањето што е Л-теанин и зошто е забранат во ЕУ и колку е штетен.
Л-теанин е аминокиселина која се наоѓа во чаевите, посебно во зелениот чај и има неколку потенцијални здравствени бенефити. Истражувањата покажале дека Л-теанинот може да помогне во намалување на субјективниот стрес, да ги подобри конгитивните перформанси, да ги подобри сонот. Некои истражувања покажале дека кобинација на Л-теанин и кофеин може да има позитивен исход на млади кои имаат АДХД. Но, иако нуспојави од конзумација на Л-теанин не се пријавени, пиење на големи количини зелен чај, поради додатниот кофеин може да доведе до мачнини, пореметување во желудникот и раздразливост.
Л-теанин во комбинација со високо ниво на кофеин, како што содржат енергетските пијалоци на „прајм“ може да го зголемат влијанието на кофеинот што може да доведе до зголемена раздразливност, несоница и други нус – појави поврзани со кофеинот.
Затоа, енергетските напитоци кои ја имаат оваа комбинација секогаш е најдобро да се конзумираат умерено и да се биде свесен за потенцијалните ризици. Енергетските пијалоци, со коеинот и Л-теанин често содржат високо ниво на шеќер, што се заедно може да биде штетно за здравјето ако се пие во големи количини.
„Прајм“ е нова марка на спортски и енергетски пијалоци кои лани почнаа да ги промовираат попларни јутјубери од САД и Велика Британија. Според рекламите, пијалоците содржат разни состојки кои ја подобруваат хидратацијата, перформанските и енергијата.