Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во својот последен извештај нотира дека малигните заболувања во земјава се втор најголем причинител за смрт. Инициран од малигни неоплазми се јавува во најразлични форми, но најсмртоносни за мажите се облиците на рак на белите дробови, додека кај жените ракот на дојката.
Според анализите, стапката на морталитет кај мажите кај кои е констатиран канцер на бронхии и бели дробови е 68,3 на 100.000 жители, додека кај жените кои имале рак на дојка смртноста се пресметува со 37,5 на 100.000 жители.
Паралелно, од ИЈЗ известуваат и за зголемен број на регистрирани пациенти заразени со Ковид-19.
Минатата недела биле земени и тестирани 325 примероци сомнителни на Ковид-19, при што регистрирани се шест нови случаи на заразата, што претставува пет повеќе во однос на претходната недела. Во меѓувреме, едно лице оздравело, а нема починати пациенти.
Од почетокот на годинава досега се тестирани 1.374 примероци, а потврдени се 20 случаи на ова заболување. И покрај нискиот број на заразени, здравствените власти препорачуваат вакцинација, особено за лицата од висок ризик.