Институтот за јавно здравјe ИЈЗ денеска објави препораки поради загадувањето на воздухот низ градовите во Македонија, бидејќи во многу градови има високи нивоа на аерозагадување.

Мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово покажале зголемени концентрации на ПМ 2,5 честичките и според категоризацијата на Европскиот индекс за квалитет на воздух при Европската агенција за животна средина – ЕЕА, во овие градови воздухот е „екстремно лош“.

Воздухот е „многу лош“ во Струмица, Битола и Кичево заради зголемени концентрации на ПМ 10, како и во скопската населба Ѓорче Петров каде се регистрирани зголемени нивоа на ПМ 2,5.

Во Скопје, во населбите Центар и Лисиче, како и во Неготино и Прилеп воздухот е категоризиран како „лош“ поради зголемени концентрации на ПМ10, додека во Кочани и Гевгелија заради зголемување на ПМ 2,5.
илустрација.

Од ИЈЗ велат дека поради тоа некои луѓе може да почувствуваат здравствени ефекти, а посериозно здравствени ефекти може да почувствуваат луѓе кои припаѓаат на чувствителни групи, како: деца помлади од 5 години, постари граѓани над 65 годишна возраст, а особено бремените жени, лица со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени категории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати.

„Оние со веќе постоечки респираторни проблеми се изложени на особен ризик“, велат од ИЈЗ.

Поради загадувањето на воздухот Институтот за јавно здравје препорачува во градовите со “екстремно лош“ квалитет на воздух да отанат дома ако не треба да излегуваат, да го намалат физичкиот напор особен на отворено и доколку почувствуваат симптоми како кашлица или болки во грлото.

Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност, а бремените жени треба да останат дома, велат од ИЈЗ.

Оттаму додаваат дека луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор, а ако во случај граѓаните треба да излезат, да носете маски со докажана ефикасност.