Со легендарното македонско оро „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“ од Битола, вечер почнува јубилејното 55. издание на интернационалниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Според востановената традиција, на свеченото отворање ќе му претходи дефиле со песни и игри низ битолските улици во кое ќе учествуваат играорци од земјава и гости од странство, односно од Полска, Мексико, Хрватска, Индонезија, Грузија и за прв пат од Швајцарија.
-Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, повеќе од пет децении и во континуитет генерира живо егзистирање на народната култура претставена преку обичај, обред, музика, песна, носија и игра. Фестивалот е дефиниран како светска високо респектабилна, репрезентативна сцена, каде што македонските и ансамблите од целиот свет, низ строго дефиниран сценски израз ги афирмираат своите традиционални вредности во оригинален облик и форма, истакна уметничкиот раководител на фестивалот, м-р Валентин Соклевски.
Јубилејното фестивалско издание почна на 18 јули со стручно-едукативни содржини како дел од придружната програма на големиот кутурен настан, а продолжува со вечери на традиционална, староградска и интернационална музика и игра, кои ќе се одржуваат на платото од Офицерскиот дом во Битола.
Според програмата, освен ансамблите од странство, на првата фестивалска вечер ќе настапат и универзитетскиот ансамбл „Македонија“ од Скопје, КУД „Русалии“ од Секирник, фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибање и КУД „Илинден“ од Битола.
Војводите од орото „Комитско“ – традиција што зборува погласно од зборот
Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ и оваа година почнува со легендарното македонско оро „Комитско“ во кое настапуваат деветмина играорци, осум комити и еден војвода.
Орото без звук, но полно со сила, симбол на борбата, истрајноста и тишината што зборува, на фестивалот во Битола, КУД „Илинден“ го изведува повеќе од пет децении, а во улога на „војводи“ низ историјата настапиле петнаесеттина играорци. Во оваа сторија за војводите од „Комитското“, пренесуваме сеќавања на „војводите“ кои во периодот од 1981 година до денеска настапувале и настапуваат на сцената на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Во глувите времиња, кога ехото на песната можеше да значи крај, Комитите го создадоа „Комитското“ – оро без звук, но полно со сила. Родено во кочанскиот крај, ова глувонемо оро, изведувано без музика станало симбол на борбата, истрајноста и тишината што зборува – погласно од зборот. Според истражувањата на м-р Љупка Стефановска, кореограф-етнокореолог, во 1971 година, ова оро станува дел од репертоарот на КУД „Илинден“-Битола и е пренесено од ансамблот „Танец“ преку битолчанецот Дончо Ефремов. Од тогаш, се до денес, „Комитското“ станува нераскинлив белег на фестивалот „Илинденски денови“ и со ова оро почнува фестивалот.
Валентин Соклевски во КУД „Илинден“-Битола се зачленува во 1976 година, низ богатата кариера, освен бројните настапи, добива одговорни задачи. Во еден период игра и го води детскиот фолклорен фестивал, а во 1990 година и професионално ја врши функцијата уметнички раководител на КУД „Илинден“-Битола. Во орото „Комитско“ прв настапува во 1979 година, а како „војвода“ во 1981 година.
– Комитското е специфично оро, а за нас членовите на КУД „Илинден“ свечен настап. Секогаш кога ќе се правеше селекција, сите сакавме да играме во Комитското. Тоа беше, и е, голем предизвик, голема чест, големо задоволство… За ова оро секогаш имаше и има голема конкуренција, бидејќи претставува личен успех да се игра комитското оро, заштитен знак на друштвото. Всушност, КУД „Илинден“ е едно од ретките друштва во земјава што толку долго го одржува ова оро во својата програма. Со ова оро повеќе од пет децении се отвора фестивалот… Инаку, изборот на војводи се движи генерациски…досега имало околу 15 војводи. Во орото настапуваат девет играорци, од нив осум се комити, а еден е војвода. Војводата е тој што го носи орото, тој му дава ритам, војводата комуницира и командува со поглед. Војводата е симбол на водство, на храброст, стратегија…но и хуманост, човечност. Војводата ги подготвува комитите пред борбата, ги води комитите низ битката, и ако не загине за време на борбата, тогаш тој сам си го одзема својот живот за да не падне во рацете на непријателот. Во 1990 година, на последниот настап како војвода, за што како голобрадо момче посебно се подготвував, во сеќавање ќе ми останат многу детали од тој настап. Прво, затоа што во орото има театарски елементи, во битолскиот театар ми ставија мустаци, а мојата тогашна девојка, а денес сопруга Вера, ми соши специјална долама. Орото го игравме на дрвена фестивалска бина, со штици од борово дрво, но беа тенки. За време на орото има чести потскокнувања, и во еден момент јас како војвода скокнав, а при паѓањето ја скршив штицата од бината и пропаднав до подот, односно асфалтот. Веднаш станав, и продолжив да играм. Но, по тој настап завршив со играњето на фестивалот затоа што беше време да се отстапи местото на новата генерација, затоа што секоја генерација си има свој Илинден, секоја генерација треба да се мотивира. С’ржта на орото секогаш е запазена бидејќи од него произлегуваат пораките за голема битка на македонскиот народ за слобода, самостојност искажани низ песна, истакна Соклевски.
Легендарното оро Комитско во изведба на КУД „Илинден“-Битола Соклевски го поставувал како кореограф на неколку наврати и се играло во Австралија, Америка и низ цела Европа. Негов прв наследник како војвода станува Александар Стефановски, денес и уметнички раководител на КУД „Илинден“-Битола.
– Првпат во орото „Комитско“ настапив на 16-годишна возраст, а како војвода првпат играв во 1996 година. Улогата на војводата ја добив од мојот учител Валентин Соклевски и под негово водство јас научив и почнав да играм како војвода. Од тогаш десет години во континуитет играв како војвода, а во една прилика, во 2014 година го заменив тогашниот војвода Марјан Христовски затоа што се исели во Австралија. Статистички 11 пати како војвода го играв орото „Комитско“ кое има специфичен стил на играње, има специфична приказна, па и театарски елементи во самата игра. За да се игра комитското оро не е доволно само да си добар играорец, туку треба да имаш и способност за глума. Орото за два-три месеци може да се научи, но за да се знае стилот на изведба, потребни се повеќе години, посочи Стефановски.
Во „Комитското“, сцената е бојното поле. Комитите и војводата играат, чекорат, подзастануваат… секој поглед и секое удирање на тапанот ја пренесува болката, пожртвуваноста и нескротливиот дух на македонската борба. Со такви чувства, како комита, а потоа и како војвода една деценија, од 2005 до 2015 година, настапувал Николче Ангелковски, и денес активен член на КУД „Илинден“-Битола.
– Првпат како комита во орото „Комитско“ настапив во 2005 година и се до 2015 година, односно една цела деценија, а потоа и како војвода. Предлогот да бидам војвода беше од Александар Стефановски, на тој начин, преземајќи го неговото место. Кога Александар ме повика и ми рече дека ќе бидам војвода, јас бев збунет и опфатен со голем стрес. Тоа е одговорна задача. Да си еден од осумте комити една работа, но да си прв, војводата, тоа не е лесно. Веднаш помислив на големината, на „тежината“ на фестивалот. Знаејќи дека треба да ги пополниш чевлите на еден куп играорци што биле пред тебе, тогаш не е едноставно. Особено стресна беше првата година. Јас тогаш имав 25 години, првата година ја памтам, и не ја памтам (се потсмевнува), но знам дека добив долготраен аплауз од битолската публика, нагласи Ангелковски.
Улогата на Војвода е голема чест за секој играорец затоа што неа ја доверуваат на најдобрите, но и највредните, најпосветените играорци. Тоа се играорци кои ја водат играта со срце, енергично и со душа, а таков во последниве три години е младиот Филип Јаковлевски, кој и годинава како Војвода со „Комитското“ го отвораат јубилејното 55. издание Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
– Јас како војвода во орото „Комитско“ првпат настапив во 2022 година и тој настап беше полн со трема, затоа што јас директно играв како војвода, без претходно да играм како комита. Мои наставници се Александар Стефановски и Никола Ангелковски, кои претходно настапувале како војводи во познатото македонско оро. Тие многу ми помогнаа со своето искуство. Беше напорно, две недели секојдневно се подготвував за настапот, и реално првата година ми беше најстресна, за разлика од следните настапи кога посигурно се чувствував. Јас за време на настап како играорец, обично гледам во публиката, но кога дебитирав како војвода, целосно бев сконцентриран на настапот и орото. Како и секој војвода, имав сериозен израз на лицето. И оваа година ќе дадам се од себе за впечатлив настап на фестивалот, истакна Јаковлевски.
Војводите од „Комитското“ се овековечени во посебен фестивалски фото споменар кој на 21 фотографија, на посебна изложба ги презентира НУ Центар за култура-Битола, вреден чувар на културно историското наследство создадено на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. Фотографиите со избрани моменти од изведбите на „Комитско“ се документ за познатите чекори, замрзнати емоции од сцени во кои традицијата оживува, но и сведоштво за македонската колективна фолклорна меморија.
Марјан Танушевски
Фото: МИА и НУ Центар за култура-Битола