Албанскиот претседател Илир Мета од пристанишниот град Драч побара сите страни да преземаат одговорност „за да се надмине кризата и хаотичната состојба во земјата“.
Тој го повика албанскиот премиер Еди Рама да се откаже од притисоците и уцените а не ги поштеди ни лидерите на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, ниту на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, која е негова сопруга, порачувајќи им да не и се закануваат на европската иднина на Албанија, туку да го прифатат 13 октомври како ден на избори и да им го вратат неопходниот мир на граѓаните.
– Она што најмногу ме загрижува е овој апсурден политички театар. Уште еднаш ги повикувам сите, особено тројцата политички актери, Рама, Баша и Круемади да стават крај на оваа апсурдност, да преземат мерки за локалните избори на 13 октомври, бидејќи албанските граѓани имаат потреба од мир, нормалност, локална законска и легитимна власт што гарантира давање отчет за сите нивни проблеми. Секако дека локалните избори на 13 октомври не верувам дека ќе решат се, но ова е неизбежна правна и уставна обврска, истакна Мета.
Тој посочи дека прво тоа е обврска на премиерот за да се откаже од притисоците и уцените од сите други институции преку спречување на спроведувањето на оваа уредба, и без сомнение е одговорност на сите други да се подготват за учество на изборите на 13 октомври.
Ова е последователен обид на шефот на државата да ги седне на маса лидерите на трите главни политички партии во земјата, со цел надминување на длабоката политичка криза во која со месеци е земјата