Шефот на албанската држава, Илир Мета, на вонредна прес конференција го обвини владејачкото мнозинство дека со измените на законот за назначување судии во Уставниот суд се обидува да го финализира државниот удар.
Со измените на законот на Претседателот на државата му се одзема надлежноста да назначува судии во Уставниот суд, а што според Мета биле изгласани само неколку часа пред доаѓањето на делегацијата на Венецијанската комисија во Тирана.
Мета го нарече гласањето на измените во законот, сериозен атентат, чија цел е мафијашка контрола врз надлежноста за именувања во Уставниот суд, но оти негова должност како претседател е на државниот удар да одговори со уредби.
-Претседателот е должен на државниот удар да одговори со уредби. Негова должност е да им се обрати на албанските граѓани во одбрана на Уставот. Уставот е единственото нешто што го гарантира нашето единство, без оглед дали некој е од југ, некој од северот, дали некој е христијанин, а некој муслиман, некои се социјалисти, а некои демократи, некои се балисти, а некои се демократи. Единственото нешто што не обединува во оваа држава е само Уставот, рече Мета.
Посочи дека ќе стори сé што е во одбрана на Уставот и демократијата, како што тоа го правеше и досега, со целосна лојалност.
-Ве повикувам да се фокусираме на ова прашање. Од суштинско значење е одбраната на уставниот поредок, кому му се заканува мафијашка група, а не Социјалистичката партија(ПС), затоа што ПС има заслуга во подготовката на Уставот во 1998 година и начелата не се изменети. Заканата доаѓа од страна на мафијашка група, која за жал работи против националните интереси и е јасен непријател на владеењето на правото и правата на албанските граѓани,обвини Мета.
Најави дека како шеф на државата, ќе присуствува на пленарната седница на Венецијанската комисија, каде „сите присутни ќе ги запознае со уште посериозни факти од обидите да се направи државен удар во земјата“.