Обединетата албанска опозиција, предводена од Демократската партија, ќе го поддржи протестот што на 2 март на плоштадот „Народни херои “ ќе го организира шефот на државата Илир Мета.

Ставот доцна попладнево го изнесе лидерот на демократите, Љуљзим Баша оценувајќи дека повикот на претседателот не е повик за политичките партии, туку за сите граѓани.

– Повикот на Претседателот не е за политичките партии, за десницата или за левицата, туку за албанските граѓани да ги одбранат темелите на демократијата, а тоа е Уставот. Како граѓани кои сакаат земјата да преземе чекори кон консолидација на демократијата, ние мора да одговориме на секој повик за заштита на Уставот и демократското функционирање на независните институции. Затоа го поддржуваме протестот на Претседателот за Уставот, напиша Баша.

Тој обвини дека земјата се наоѓа во длабока уставна и економска криза.

– Албанија се наоѓа во длабока уставна криза, покрај економската криза, која секојдневно ја преживуваат сите Албанци. Како граѓани, не можеме да ги затвориме очите кога владеењето на законот е заложник, кога ќе бидат уништени институциите, а демократијата е во опасност. Зграпчувањето на Уставниот суд значи уништување на правата и слободите на секој граѓанин. Не можеме да прифатиме Албанија да се врати 30 години назад, изјави Баша.

Тој побара колку е можно побрзо завршување на изборната реформа и спроведување предвремени избори.

– За излез од крзата во која е втурната земјата, за враќање на албанската влада, враќање на албанските општини, враќање на албанската економија, гарантирање на правда независна од политиката, постои едно демократско решение: навремено завршување на изборната реформа и итно одржување на слободни и фер избори! Демократската партија и обединетата опозиција работат на ова секој ден и со поддршка од граѓаните промената ќе стане реалност. Подобри денови!, порача Баша.

Претходно, поддршка даде и лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, која е сопруга на претседателот Мета.

– На протест на 2 март, не за Илир Мета, туку за Албанија и граѓаните, за демократија, подобар живот и запирање на масовната миграција на младите, рече Круемади.