Во Германија повторно денеска илјадници луѓе протестираа против растечкиот десничарски екстремизам, а фокусот на демонстрациите беше во помалите градови.
„Никогаш повеќе е токму сега“, „Стоп за ширењето на омразата“ и „Рамо до рамо против фашизмот“ извикуваа демонстрантите на митинзите организирани од црковни здруженија, синдикати и организации за заштита на човековите права.
Бранот протести кој трае речиси еден месец започна откако медиумите објавија дека на крајот на ноември во Потсдам се одржал состанок на екстремните десничари, на кој учествувале претставници на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) и ултраконзервативното крило на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
На средбата се разговарало за можни депортации на германски жители со странско потекло во случај овие партии да дојдат на власт. Од почетокот на протестите, популарноста на АфД на федерално ниво малку падна и сега се движи околу 20 отсто.
Но, таа партијата, има повеќе од 30 отсто поддршка и сè уште е најсилната политичка сила во некои источногермански сојузни покраини каде што годинава се одржуваат локални избори. Протестите продолжуваат и утре.