На погребот на познат активист, противник на палестинските лидери, кој почина за време на апсење, илјадници Палестинци денеска повторно побараа отстранување од власта на палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Илјадници Палестинци го следеа ковчегот на Низар Банат низ градот Хеброн, на Западниот брег, а некои извикуваа „луѓето сакаат режимот да падне“ и „Абас заминувај“.

Некои од нив носеа палестински знамиња, а други знамето на Хамас, исламистичкото движење од Газа, кое се спротивставува на политиката на Абас.

Демонстрантите се собраа и во Рамала и во близина на џамијата Ал-Акса во Ерусалим.

Семејството Банат тврди дека силите на палестинските власти вчераутро упаднале во неговата куќа и почнале да го удираат со метална шипка, пред да го уапсат. Банат притоа се здобил со повреди на главата, соопшти Независниот комитет за човекови права на палестинските власти, по обдукцијата.

Палестинските власти најавија истрага, но не одговорија на наводите за третманот на активистот. Гувернерот на Хеброн, Џибрин Ал-Бакри изјави дека Банат починал откако здравјето му се „влошило“ при апсењето.

Популарноста на Абас стрмоглаво опадна откако овој денеска 85-годишен политичар стана претседател во 2005 година. Со Палестинската самоуправа со декрет тој владее повеќе од една деценија.

Починатиот Банат беше 43-годишен активист кој го обвини Абас за корупција и го прозва за одложување на изборите, првично закажани за мај, на кои тој сакаѓе да биде кандидат за парламентот.

Организациите за човекови права велат дека Абас често пати ги апси неговите критичари, а „Хјуман рајтс воч“ соопшти дека апсењето на Банат „не е исклучок“.

САД, Обединетите нации и Европската унија ги повикаа палестинските власти да спроведат „транспарентна“ истрага за смртта на Банат.

Хамас, движењето кое е на власт во Газа, ги повика Палестинците да се побунат и „конечно да стават крај на раширените повреди на слободата и правата на палестинскиот народ од страна на палестинската самоуправа“.