Илјадници возачи на трактори и камиони и околу десет илјади луѓе денеска ја блокираа авенијата што води до берлинската Бранденбуршка порта, по еднонеделните протести против повисоките даноци за земјоделците.
На протестите се очекува да учествуваат 3.000 земјоделци на трактори, 2.000 камиони и 10.000 луѓе од цела Германија, објави „Ројтерс“.
Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер денеска им се обрати на илјадниците незадоволни земјоделци кои протестираа против зголемувањето на даноците и им рече дека нема пари за продолжување на стимулацијата.
Илјадници возачи на трактори и камиони и околу десет илјади луѓе денеска ја блокираа авенијата што води до берлинската Бранденбуршка порта, по еднонеделните протести против повисоките даноци за земјоделците.
Возилата кои пристигнаа од цела Германија во текот на ноќта се паркираа покрај патот, а илјадници земјоделци вееја германски знамиња и извикуваа пароли како „без земјоделците нема иднина“.
„Не можам да ви ветам поголема државна помош од федералниот буџет. Но, можеме да се бориме заедно за да уживате повеќе слобода и почит за работата што ја работите. Со војната во Украина, мирот и слободата во Европа повторно се загрозени. Затоа, мораме повторно да инвестираме во нашата безбедност како што правевме некогаш“, им рече Линднер на земјоделците.
Протестите избувнаа поради одлуката на Владата да ја укине субвенцијата за синиот дизел во обид да се балансира буџетот за 2024 година, откако одлуката на Уставниот суд ги наруши плановите за трошење на буџетот.
Во обид да ја смири ситуацијата, Владата се согласи на задржување на повратот на данокот за набавка на земјоделски возила, а укинувањето на субвенцијата за синиот дизел ќе го продолжи за неколку години.
Но, земјоделците велат дека тоа не е доволно и тоа го покажаа со гласен протест.
Нарушувањето на секојдневниот живот предизвикано од протестите и минатонеделниот штрајк со железницата им наштети на коалициските партии во владата, покажуваат анкетите. Ова ја подигна екстремно десничарската Алтернатива за Германија многу високо во однос на поддршката на електоратот.
Лидерите на коалициските партии не се согласуваат меѓу себе како да се исполнат барањата на демонстрантите.
Министерот за земјоделство Џем Оздемир, член на Партијата на зелените, предложи финансиски награди за хуман третман на животните, додека социјалдемократите предложија повисоки цени за земјоделските производи, а либералите предложија намалување на администрацијата.