Јужноафриканецот Фреди Блум цел живот напорно и тешко работел. Прво на фарма, а потоа во градежништвото. Сега, чека официјално да биде признаен за најстар човек на светот. Како што пишува Би Би Си на српски јазик, иако одамна го оставил пиењето, тој останал редовен пушач.
„Секој ден запалувам по две-три апчиња“, рекол тој користејќи го локалниот израз за тутун завиткан во хартија од весник.
„Имам свој тутун, не купувам цигари. Навиката е многу силна. Понекогаш си велам дека морам да престанам, ама знам дека се лажам себе си. Кога ќе ми си припуши, морам да завиткам апче. Ѓаволот е виновен, многу е силен“, рекол тој.
Прва работа што привлекува внимание кај овој човек е дека изгледа мошне силно и здраво. На тој висок, солидно граден маж кој оди без помош, ништо не му недостига, освен што е малку наглув, пишува Би Би СИ. Блум на 8 мај наполнил 114 години и за него велат дека најстар човек на светот, иако се уште чека потврда од Гинисовата книга за рекорди.
Титулата до лани ја имала Вајолет Мос-Браун од Јамајка, која починала на 117 години.
Блум истакнал дека не може да ја објасни својата долговечност.
„Има само една работа. Оној горе. Тој е семоќен и јас тука ништо не можам. Можам да се урнам секој момент, но Тој ме одржува“, рекол Блум.
„Добро се чувствувам, здрав сум. Срцето ми е силно, но нозете ме предаваат – не можам да одам како некогаш“, додал тој.
Неговата сопруга која е 28 години помлада, а со која е во брак 48 години, рекла дека нејзиниот сопруг отсекогаш бил со добро здравје и само еднаш бил на лекар. Истакнала и дека многумина не верувале дека тој има толку години, по што неговата внука извадила документ од властите со кој се потврдува дека е роден 1904 година.
Блум никогаш не одел на училиште и затоа останал неписмен. Но, не се жали на тоа, туку на фактот дека веќе ништо не може, дури ни на скали да се искачи. „Седам по цел ден, зашто не можам да ги гледам оние глупости на телевизија“.
Неговата сопруга вели дека тој јаде сосема нормално, сака месо, но јаде и доста зеленчук. Уште може сам да се облекува, освен чвлите. Додека работл, станувал во 4 и 30 наутро, но сега, спие до касно. И чека што ќе каже Гинис.
„Најмногу сакам кога ќе седнам на скалите и ќе завиткам уште едно апче“, рекол за крај на разговорот Блум.