Талибанските лидери изјавија дека нема да преговараат со авганистанската Влада се додека Ашраф Гани е претседател на земјата, изјави вчера пакистанскиот премиер Имран Кан.

Кан кажа дека е тешко да се дојде до политичко решение за конфликтот под сегашните услови.

-Се обидов да ги убедам талибанците … пред три или четири месеци, кога беа тука високи талибански лидери, им рече Кан на странските новинари во неговиот дом во Исламабад.

„Условот е се додека е Ашраф Гани таму, ние (талибанците) нема да разговараме со авганистанската Влада“, рече Кан, цитиран од талибанските лидери.

Мировните преговори меѓу талибанците, кои Гани и неговата влада ги сметаат за марионети на САД, и преговарачите на авганистанската Влада почнаа во септември минатата година, но не е постигнат значителен напредок.

Претставници на голем број земји, вклучувајќи ги и САД, во моментов се во Доха и разговараат за двете страни да се договорат за прекин на огнот до 31 август, кога официјално ќе заврши повлекувањето на странските сили од Авганистан.

Пакистанскиот премиер додаде дека верува оти авганистанската Влада се обидува да ги убеди САД да се вратат и повторно да интервенира.

-Тие беа тука 20 години … Што ќе направат сега што не непаравија за 20 години, рече тој.

Американските сили продолжуваат да даваат воздушна поддршка на авганистанските сили во борбата против талибанците, кои брзо напредуваат на теренот и можат да го освојат Кабул за 90 дена.

Кан истакна дека Пакистан јасно стави до знаење дека не сака американски воени бази во Пакистан, откако американските сили го напуштија Авганистан.