Почина археологот Јовица Станковски од Куманово, соопштија денеска членови на неговото семејство и колегите од НУ Музеј Куманово.
Станковски е познат во македонската јавност како археолог, кој го промовираше и истражуваше Кокино.
Роден е на 13 јануари 1949 година во Куманово, дипломирал на Машинскиот факултет, а во 1986 и на Историја на уметност со археологија. Станковски бил претседател на републичкиот СИЗ за култура, директор на кумановскиот Театар и на кумановскиот Музеј во два наврата, беше советник во Советот на Општина Куманово.
Станковски учествувал и самостојно публикувал бројни трудови за праисториско светилиште во Шопско Рударе, за „Татиќев Камен“ односно Кокино уште во 2002 година, за мегалитните споменици во кумановско, придонел за проучување на објектот од Стоби, за „Долинац“… Издал каталози за локалитетот Кокино во три наврати, во 2005 и два пати во 2007 година.
Погребот ќе се изврши утре на Градските гробишта во Куманово во 13 часот.