Георги Константиновски, еден од најзначајните архитекти за македонската архитекура, почина на 90 години.
Константиновски е автор на објектите на Архивот на Град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, домот за рекреација во Катлановска бања, Архивот во Охрид, Домот за нега „Сју Рајдер“ во Скопје, Меморијалниот комплекс АСНОМ во Пелинце, Архивот во Штип, Спомен домот на Разловечкото Востание, Пелинце, Домот на печат во Приштина.
Учествувал на 38 конкурси на кои освоил повеќе I, II и III награди на македонско и југословенско ниво, а изработил и 40 студии. За својата работа добитник е на повеќе награди, меѓу кои Борбина плакета за Архивот на Град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и Спомен домот на Разловечкото востание, националната награда 11 Октомври, Големата награда на БИМАС за Спомен домот на Разловечкото востание, планата „Унија во Скопје“ и Меморијалниот музеј на „АСНОМ“, Орден на трудот со златен венец и Наградата Андреа Дамјанов за животно дело. На списокот на великаните на светската архитектура, Константиновски ја претставува својата земја како единствен архитект застапен меѓу сите словенски земји.
-Во животот не е секогаш најважно што ќе направите за себе, туку што ќе оставите на генерациите по вас, а господинот Георги Константиновски зад себе остави навистина многу. Еден од првата генерација на архитекти од Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје, кој своето обраование го продолжил со магистратура на Универзитетот Јејл во САД кај Пол Рудолф и Сергеј Чемаеф, напишаа во ин мемориум од Град Скопје.
Доказ за неговиот извонреден талент уште на тие години, посочуваат, бил фактот дека работел на Бирото на Хенри Коб, Аралдо Кауста и Јо Минг Пеј. Во текот на својата кариера се стекнал со сите звања од асистент до редовен професор на Архитектонскиот Факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје, како и почесно членство на МАНУ, но веројатно најдобра потврда за вонвременскиот квалитет и талент на Константиновски е фактот дека во 1991 година на Белградското триенале на светска архитектура бил прогласен за најдобар архитект на Југославија и вброен меѓу најдобрите 55 архитекти во светот.
-Се поздравуваме со вистински великан кој иако повеќе не е меѓу нас, остави длабока трага и неизмерно наследство во областа на бруталистичката архитектура. Објекти како Студентскиот дом „Гоце Делчев” во Скопје и Државниот Архив на град Скопје се доказ дека неговите проекти ќе останат запаметени уште долго не само во рамките на нашата држава, туку и во светот, стои во објавата.