Почина легендарната ТВ спикерка Снежана Липковска, доајенот на македонското спикерство. Поседуваше фантастичен радиофоничен глас, продорни крупни зелени очи, совршена дикција, шарм, ненаметливост, интелект и стил.
Со децении владееше на тв екраните, особено во текот на 70-те и 80- те години, на тогашната ТВ Скопје, а подоцна и на Македонска радио и телевизија (МРТ). Водеше најразлични емисии како и централниот ТВ Дневник и немаше кој не ја познава, а беше и добро позната и во тогашна Југославија.
Снежана Липковска не може да се заборави така лесно. Спикерството и беше заштитен знак и од неа учеа генерации нејзини наследници.
Знаеше како да се носи со славата и беа отворени сите врати, а таа осмислуваше и реализираше ТВ проекти и интересни стории кои се гледаат и прераскажуваат и денес.
Работеше и како новинар, а исто така се занимаваше и со документаристика. Во 2015 година издаде и книга, збирката новели „Хотелски стории“. Поседуваше ведар дух, одличен стил, културно однесување и харизма.