Многу Индијци, вклучително и еден министер, критикуваа карикатура во германскиот магазин Der Spiegel за која велат дека е расистичка и невкусна.

На карикатурата е прикажан дотраен индиски воз полн со патници, и внатре и на вагоните, како претекнува фантастичен кинески воз на паралелна пруга.

Дер Шпигел, германски неделен магазин за вести, на овој начин ја коментирале веста дека Индија ја престигна Кина и стана најнаселена земја во светот. Индијците на Твитер го обвинија списанието дека е заглавено со застарена перцепција за Индија и не го препознава напредокот што земјата го постигнала во последните децении, пишува Би-Би-Си.

„Без оглед на вашиот обид да се исмевате со Индија, не е паметно да се обложувате против Индија за време на премиерот Нарендра Моди. За неколку години економијата на Индија ќе биде поголема од германската“, напиша министерот Рајев Чандрасехар на Твитер. Канчан Гупта, висок советник во Министерството за информации и радиодифузија, рече дека карикатурата е „безобразно расистичка“.


Друг корисник на Твитер рече дека карикатурата го покажува „елитниот начин на размислување“ на списанието. Магазинот не одговорил на критиките. Иако пренатрупаните возови сè уште може да се забележат во многу делови на Индија, направени се значителни инвестиции за подобрување на железничката мрежа на земјата и нејзините возови.

Карикатурите објавени од западните медиуми и претходно предизвикаа бес во Индија. Њујорк Тајмс се извини во 2014 година за карикатура за индиската мисија на Марс, откако читателите се пожалија дека ја исмејува Индија.

Карикатурата покажувала фармер со крава како тропа на вратата од собата означена со Елит Спејс Клуб каде двајца мажи седат и читаат весник. Тоа беше објавено откако Индија успешно ја испрати роботската сонда Mangalyaan во орбитата околу Марс.