Инфективната клиника темелно се чисти и се дезинфицира целокупниот простор, но работата не е застаната, се лекуваат 25 пациенти со ковид симптоми, истакна директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ во вечерашното гостување на вестите на Сител ТВ и додаде дека не треба целосно да се опуштиме како да мислиме дека пандемијата целосно завршила.
– Ние не сме застанати, во тек се темелни чистења на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, дезинфекции на целокупниот простор, на целокупниот медицински мебел, опрема со која располагаме, затоа и апелирам секој еден од нас да не застане со заштитата од Ковид-19 и да се придржува на она што е препорака за заштита од него, порача Стевановиќ
Според неа, новото модерно живеење, можноста да се стигне од еден до друг крај на светот за многу кратко време, ги отвора широко вратите за разнесување на Ковид-19.
– Не смемее да се опуштиме и да мислиме дека пандемијата завршила комплетно. Ние сме отворена земја, следуваат и годишни одмори, што значи многу поголемо движење и токму поради тоа мораме да бидеме сериозно претпазливи, пред се за своето лично здравје. Веројатно и нови соеви ќе следиме и во идина, но какви ќе бидат не можеме да предвидиме, но поради тоа мораме да бидеме комплетно подготвевени, апелираше Стевановиќ.
За новиот индиски сој на Ковид-19, директорката на Инфективната клиника рече дека според информациите кои ги добиле од нивните колеги кои први се соочиле, тој полесно се шири и има потешка клиничка слика, како и британскиот сој.
– Инфекциите се многу специфична болест, ние сме научени да работиме со нив, некогаш сме во можност да го предвидуваме нивниот ток, некогаш не сме во можност тоа да го направиме со колегите епидемиолози. Но некој конкретен заклучок навистина тешко може да се донесе. Она што е најзначајно е дека третманот, заштитата, превенцијата од вирусот и од овој сој на Ковид-19 ни се разликува.
Она што ни останува е и понатаму да бидеме исклучително посветени и професионални како здравствени работиници, а од друга страна сериозно одговорни како граѓани. Друг спас од превенирање од Ковид-19 навистина немаме, нагласи Стевановиќ.
Во однос на нејзините прогнози за состојбата со Ковид-19 во претстојниот период, директорката на Инфективната клиника рече дека посакува мирно лето, но оти е потребна голема претпазливост.
– Јас посакувам мирно лето, но навистина морам да бидам многу предострожна и навистина да не се надевам повеќе од она што објективно треба. Не смееме да внесуваме паника и немир кај граѓаните, но одговорноста мора да постои кај секој еден од нас. Тоа е она што е единствено практично, а од големо значење за развојот на епидемиолошката слика со Ковид-19 во државата, заклучи Стевановиќ.