Лидерите на верските заедници од Македонија, денеска, по иницијатива на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОЗРГ), потпишаа Декларација на верските лидери во Република Македонија против насилен екстремезам. На потпишувањето беше посочено дека верските заедници се меѓу клучните чинители за превенција и спречување на насилниот екстремизам, бидејќи нивното присуство и активностите со верниците можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците како целина.

Потписници на Декларацијата се архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, реисот на Исламската верска заедница Шаќир еф. Фетаху, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и директорката на КОЗРГ Оливера Трајковска и директорот на МЦМС Александар Кржаловски.

– Ние потписниците на оваа Декларација, верски лидери и претставници на признатите верски заедници во Република Македонија, собрани во духот на взаемна почит и водени од чувството за заедничка одговорност, свесни за нашата улога за зачувувањето на општествениот мир, согласни сме со оваа Декларација како израз на заедничка определба за градење на достоинствен соживот и отпорност против насилниот екстремизам. Свесни дека Република Македонија е заеднички дом на различни народи, култури и верувања, како и дека соживотот е вредност којшто постојано мора да се негува и штити, стои во Декларацијата. Соочени со злоупотребата на верата како изговор за поделби и насилство, со сѐ почести форми на говор на омраза и процеси на радикализација кои водат до насилство и насилен екстремизам, со дезинформации, идеолошки наративи и пропаганда, што ја искривуваат суштината на верата и поттикнуваат недоверба, стои меѓудругото во Декларацијата.

На новинарско прашање до реисот на ИВЗ Шаќир еф. Фетаху, за тоа дали Исламската верска заедница има стратегија за помладата генерација на верници кои се сѐ повеќе мета на екстремистички групации, реисот рече „стоиме цврсто позади ставовите што денеска ги потпишавме во Декларацијата и со сите наши потенцијали во Исламската верска заедница ќе се трудиме да се реализираат сите точки од Декларацијата во целост“.

– Исламската верска заедница се труди и одлучна е да биде конструктивна верска заедница во нашето општество и секој чин кој излегува од прописите на исламската вера, односно секоја појава која е спротивна на верските прописи, ИВЗ секогаш одлучно ги осудува и ќе ги осудува, рече реисот.

Вели Владата на Република  Македонија треба да ги известува верските заедници кога се работи за верски прашања.

– Општеството, односно Владата на Република Македонија треба да нѐ известуваме за некои работи, ние сме компетентни за верски прашање, не сме компетентни за други работи. Ние се договоривме со директорката на Комисијата, Оливер Трајковска, да бидеме известени и да се информираме меѓусебно за некои појави кои ни го рушат мирот и меѓусебното почитување, додаде реисот на ИВЗ.

Прашан за тоа дали Исламската верска заедница е свесна дека постои наплив на т.н. странски влијанија за поинакви исламски учења, Шаќир еф. Фетаху вели

– Ние сме свесни. Со сите земји каде поголем дел се муслимани, имаме добри односи и имаме потпишано Меморандум за нивната соработка да биде ексклузивно и исклучиво со институцијата која што е надлежна и компетентна по Уставот на Република Македонија. Индивидуално ние секое такво влијание ќе го осудуваме и сѐ што се работи од разни земји во светот, надовр од соработката со ИВЗ е неприфатливо и бескомпромисно ќе се бориме против индивидуални активности, освен активностите и соработките од ИВЗ со другите земји, рече Шаќир еф. Фетаху.

Фото: МИА