Челниците на Европската асоцијација на новински агенции (ЕАНА) испратија писмо до словенечкиот премиер Јанез Јанша, во кое го критикуваат за суспендирање на финансирањето на Словенечката новинска агенција -СТА, и „вршење притисок“ врз раководството на агенцијата.
„Јасен доказ за квалитетот на слободата на медиумите и медиумската политика во земјата може да се добијат со набљудување на односот помеѓу државата и новинската агенција и доколку властите ја потврдат нејзината независност“, нагласуваат во писмо претседателот на ЕАНА и шеф на германската ДПА, Питер Кропш и генералниот секретар на ЕАНА, Александру Јон Гибои.
Тие велат дека властите секогаш ја загрозуваат независноста на националните новински агенции со притисок врз управниот или надзорниот одбор на агенцијата и/или намалување на финансирањето.
„Ние сме крајно загрижени што во Словенија во моментов се применуваат двете стратегии. Гледајќи ја бруталноста на преземените активности, веруваме дека ситуацијата во СТА е без преседан”, се вели во писмото.
„Границите на цивилизираната јавна дебата се надминати“, се вели во писмото.
Тие посочуваат дека агенцијата „припаѓа на инфраструктурата на земјата“ и дека „силно придонесува за демократските системи“.
„СТА е важен дел од словенечката независна медиумска инфраструктура“, заклучи ЕАНА во писмото до словенечкиот премиер, во кое го повикува да не влијае на независноста на агенцијата.
Раководството на словенечката новинска агенција веќе неколку месеци е во спор со владата на Јанез Јанша околу распределбата на средства од нејзиниот буџет за вршење јавни услуги. Владата досега одбиваше да потпише нов договор за финансирање за 2021 година. Овие средства не беа доведени во прашање за ниту една влада во изминатите 30 години.