Во статија објавена во British medical Journal (Британски медицински журнал), професорот Арно Фонтане од институтот „Пастер“ наведува дека училиштата се само одраз на распространетоста на епидемијата на дадена локација. Тој потсетува на социјалното значење за најмладите и нивните родители, јави дописникот на МИА.
Дали училиштата се погодни места за пренесување на вирусот е прашањето што редовно се поставуваше од почетокот на епидемијата. Според статијата изготвена по истражувањето на Институтот „Пастер“, предводена од професорот Арно Фонтане, се чини дека училиштата „не играат улога на засилувач“ на епидемијата.
-Случаите во училиштата едноставно ја отсликуваат распространетоста во рамките на локалните заедници, се наведува во текстот, што потсетува дека децата под 10 години „веројатно се помалку заразни“ од нивните родители и постарите.
Како и да е, наведува професорот во статијата, училиштата можат да придонесат за пренесување во рамките на заедниците.
Низ целиот свет, 31 земја избра целосно да ги затвори своите училишта, 48 имаат усвоено адаптирани распореди. Меѓутоа, статијата потсетува дека мерките за затворање на училиштата имаат последици далеку од здравствената димензија. Англиска студија го подвлече минатиот јануари „зголемувањето на анксиозните нарушувања и обидите за самоубиство“ кај деца и адолесценти, кои страдаат од ограничувања и нарушувања во училишниот ритам.
Покрај социјалниот и менталниот развој на децата, училиштето во Франција, како и во остатокот од светот, е местото за физичка и алиментарна безбедност. За многу семејства, училишната менза обезбедува еден балансиран оброк дневно за децата и ги држи подалеку од можно семејно насилство. Па дури и за другите семејства, затворањето на училиштата значи „родителска загуба на приходот поврзана со грижа за децата или надзор за учењето преку Интернет“, се нотира во статијата, во која се заклучува дека „затворањето на училиштата ги зголемува постојните социјални нееднаквости“.